20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Левицата: Народот да не плаќа повисоки камати од долгот, предлог-законите пред Собранието

Во собраниска процедура по скратена постапка влегоа предлог-законите за изменување и дополнување на законите за облигациони односи и за извршување, со кои, покрај скратување на рокот за застареност од 10 на 5 години, власта го ограничува износот на стасаната, а неисплатена казнена камата, која престанува да тече кога ќе го достигне износот на главнината, како и каматите што ги пресметуваат извршителите, информираат од Левицата.

Овие предлог-закони, како што појаснуваат, произлегуваат од изборната програма на Левицата, кои власта си ги препиша и ги прикажува како свои.

„Антилихварското законодавство е значаен дел од изборните програми на Левицата. Со доаѓањето на власт на Левицата, ќе се донесат закони со кои ќе се регулира банкарскиот систем во целина, како и финансиските друштва кои одобруваат брзи кредити. Народот нема да плаќа лихварски камати и на достоинствен начин ќе ги покрива своите семејни потреби во домашниот буџет. Должничкото ропство ќе биде еден мрачен период од тридецениското владеење на СДСМ, ВМРО и ДУИ!

Левицата веќе подолго време предлагаше да се ограничи износот што должникот треба да го плати по основ на камати, без разлика дали се договорни или казнени, а го надминуваат основниот долг и не само за финансиските друштва што одобруваат брзи кредити туку и за банките, како и за сите должничко-доверителски односи“, соопштуваат од оваа партија.

Оценуваат дека референтната каматна стапка за пресметување на стапката на казнена камата е највисока во последните 12 години, што значи дека е повисока и казнената каматна стапка за долг во денари, која во облигационите односи помеѓу правни лица изнесува 14,75 отсто, а во облигационите односи од кои барем едно лице е физичко лице изнесува 12,75 отсто.