24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шаќири: Го поттикнуваме изучувањето на италијанскиот како втор странски јазик, ги јакнеме пријателските односи со италијанскиот народ

Да ги заинтересираме младите луѓе во земјава за изучување на италијанскиот јазик, да ги унапредиме нивните јазични способности и најважно, да ги зајакнеме одличните односи со италијанскиот народ, нагласи министерот за образование и наука Јетон Шаќири на Првата национална конференција за италијанскиот јазик во Република Северна Македонија, што денес се одржа во Скопје.

„Ова е одлична прилика да продискутираме за трендовите и перспективите на активното изучување на италијанскиот јазик во земјава, како дел од националниот образовен систем и како јазик за професионални, културни и академски можности. Изминативе 5 години, италијанскиот јазик како втор странски јазик се изучува во 19 основни училишта и 8 средни училишта во земјава, а веќе втора година по ред Средното училиште на Град Скопје, гимназијата Никола Карев, запишува ученици во т.н. билингвална паралелка, каде италијанскиот јазик е застапен со 6 часа неделно, што ни дава можност да размислуваме и за отворање на ваков тип на паралелки и во други градови во Северна Македонија“, рече министерот Шаќири.

Изучувањето на италијанскиот јазик во македонскиот образовен систем датира уште од 1959 година во рамките на Катедрата за романски јазици, а веќе 13 години, италијанскиот јазик е издвоен и се изучува на посебна катедра на која досега дипломирале над 800 наставници и преведувачи.