23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Еднаквите можности се наш приоритет, продолжуваме да чекориме по патот на еднаквоста

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска се обрати на свечениот дел на генералното собрание на Националната федерација на фармерите. На настанот се обратија и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, директорката на We Effect Europe, Анели Леина, како и директорка на We Effect за меѓународна соработка, Линда Хамерберг.

„Иницијативата за изнаоѓање на решението со надоместок за мајчинство ја поведе Националната федерација на фармерите, а ние како Министерството за труд и социјална политика бевме вклучени од самиот почеток во креирање решение за овој предизвик. Тука со нас рамо до рамо работеше и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, голема благодарност и до шведската организација со канцеларија во Скопје, WE effect, која беше покрај нас во целиот процес и несебично ни ја даваат нивната поддршка“, рече Тренчевска во своето обраќање.

Таа истакна дека со програмата за обезбедување социјална сигурност за жените што вршат земјоделска дејност ќе може да остварат право на користење надоместок за мајчинство. За да го остварат ова право, потребно е да имаат статус на осигуреник индивидуален земјоделец.

„Ова е пилот-решение, затоа продолжуваме да креираме политики, да креираме решенија, кои ќе бидат системски. За да можеме да потврдиме дека навистина сме направиле исчекор кон унапредување на правата на жените во нашата држава“, посочи Министерката.

Тренчевска се осврна и на градинките во руралните средини и рече дека покрај што целта на отворањето на градинките е вклучување што поголем број деца во предучилишното образование, нивното отворање придонесува и кон економско јакнење и личен развој на жените во руралните средини.

На крајот од поздравните обраќања на министерката Тренчевска и на министерот Николовски им беа доделени благодарници за досегашната соработка со Националната федерација на фармерите.