17.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРАИЗБОР

Костадиновска-Стојчевска од Виена: Македонската современа уметност ги краси и европските музеи

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска присуствуваше на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, Музеј на современата уметност – Скопје“, која следните девет месеци европската и светската јавност ќе имаат можност да ја погледнат во музејот „Кунстхале Виена.

„Македонската современа уметност преку проектот кој го создадоа уметничките тимови на Музејот на современата уметност од Скопје (МСУ) и на „Кунстхале Виена“ ќе биде презентирана во срцето на уметничка Виена. Оваа соработка ни покажува дека кај нас секогаш се создавала уметност која е атрактивна и ангажирана да одговори на највисоките светски стандарди и текови во современата уметност“, истакна Костадиновска-Стојчевска на изложбата.

Министерката во продолжение додаде дека оваа изложба е доказ дека македонската уметност е дел од актуелниот уметнички миг во Европа и дека тоа треба да биде поттик македонските уметници да се насочуваат и во иднина кон вакви соработки, кои според Костадиновска-Стојчевска „ќе придонесат за поголема отвореност на светот кон македонското ново ликовно творештво“.

Проектот е инспириран од солидарната колекција на МСУ и е реализиран токму на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, и во тој контекст, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека низ оваа изложба се актуализира и прашањето за архитектурата, за планирањето на градовите и за тоа како од проект за солидарно Скопје, стигнавме до „Скопје 2014“.

„Кураторите, преку даруваните дела од колекцијата и со новите од авторите што се вклучени во изложбата, поставуваат прашања што се актуелни и денес – можна ли е солидарноста воопшто, или солидарноста меѓу уметниците? Зборуваат за заедништво на спротивставени политички блокови преку уметност, како што се случило по земјотресот во Скопје“, додаде министерката.

Министерката за култура изрази верување дека оваа изложба донесе нови, трајни креативни пријателства со уметници од Мелбурн, Берлин, Истанбул и од Виена. „Веруваме дека пораките од изложбата ќе допрат широко во Европа и дека уметноста како средство за дијалог ќе се наметне во надминувањето на разликите со кои секојдневно се среќаваме“, заклучи Костадиновска-Стојчевска.
На изложбата во Виена присуствуваше и директорката на Музејот на современа уметност, Мира Гаќина, која посочи дека соработката со „Кунстхале Виена“ несомнено е еден од најкомплексните проекти досега и настан од национален интерес за нашата земја.

Куратори на изложбата се уметничките директори на „Кунстхале Виена“, кураторскиот колектив „What, How & for Who/WHW“, кој го сочинуваат Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ.
Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која содржи над 5 500 дела, во Виена се изложени 94 дела и околу 50 дела од современите уметници вклучени во овој проект. На изложбата синоќа беа претставени и фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, кои ги направи фотографката Елфи Семотан (Виена). Дел од проектот е и патопис на писателката Барби Марковиќ (Виена), која го опиша своето искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.
Изложбата содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и од архивата на МСУ.
Пред отворањето на изложбата, предавање посветено на Скопје одржаа архитектите Јован Ивановски, Ана Ивановска-Дескова и Владимир Десков, чии архитектонски макети на постземјотресно Скопје се претставени во поставката.
Изложбата во „Кунстхале Виена“ ќе биде отворена до 28 јануари 2024 година.