3.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+БИЗНИС

Игор од Горно Лисиче одгледува разновидни цвеќиња, а едни од омилените му се далиите – Како и кога се садат и што треба да се направи пред садењето?

Игор Антовски од скопското село Горно Лисиче одгледува разновидни цвеќиња, а едни од омилените му се далиите или во народот познати како тодорчиња. Нивното производство го довел до совршенство, што од литература, а повеќе од пракса. Неговото искуство како стручен совет за производство на далии ви го пренесуваме од прва рака.

„Првата средба со ова прекрасно цвеќе ми беше пред повеќе од 20 години. Како аматер немав некое големо искуство околу нивното одгледување, но со текот на годините преку литературата што ја купував и интернетот, стекнав огромно искуство околу нивната нега и одржување, што ми овозможи поголемиот дел од годината да уживам заедно со моето семејство во нивните преубави цветови. Оваа година поседувам рекордни 30 видови од далијата. Тие се делат на 10 групи, според големината и формата на цветот.“, вели Игор.

Игор детално ни објасни како се одгледува далијата.

„Најбитно при садење на далијата (компирчињата) е подготовката на местото на кое сакаме да се засадат во нашата градина. Тие најдобро успеваат на дренирана и ѓубрена (со арско ѓубриво кое се расфрла доцна на есен ) почва, со pH вредност 7.0. Во рана пролет откако ќе се ископа, (исфрезира) земјата, далиите се спремни за садење. Потребно е да се ископаат дупки 20 на 20 см, длабочина 20 см. Пред да се засадат (компирчињата) во дупките се става по 1 до 2 грски хумус или прегорено арско ѓубре. Се садат 6 недели пред последниот мраз. Во случај да проникнат, а времето е ладно потребно е да се покријат со филц за да не измрзнат.

Јас најчесто практикувам растојанието помеѓу нив да биде 60 на 60 см. Освен во земја, тие може да се засадат и одгледуваат во поголеми саксии. Видовите кој јас ги одгледувам достигнуваат висина од 150 до 200 см. Кога растението ќе достигне висина од околу 30 см. потребно е да се отстрани главната фиданка врв за да се потикне развојот на страничните. Доколку сакате да имате убави цветови со голем квалитет потребно е да се отстранат по неколку пупки од секоја фиданка. Цветаат од крајот на мај до крајот на октомври, до почетокот на првите мразеви.

Во текот на годината потребна е една прихрана со вештачко ѓубриво NPK 16 16 16 и месечно со течно ѓубриво за прихрана на цветот, листот и коренот. Ова е неопходно за да цветаат од крајот на пролетта до крајот на есента.

Во доцна есен кога листовите на далиите ќе почнат да пожолтуваат и да се сушат пред почетокот на првите мразеви, потребно е да се скратат стеблата на околу 10 см над земја. Преку зима може да се чуваат на два начини. Доколку се решите да останат во земја потребно е добро да се заштитат со филц и најлон за да не дојде но нивно измрзнување и скапување или пак доколку се извадат од земја потребно е да се отстрани земјата од компирчињата и да се складираат во дрвени гајби на суво и темно место покриени со филц, каде што температурата нема да падне под 5-6 степени.“, објасни Игор.

извор: Агротим.мк

Спонзорирано: