26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски на пречекот на Благодатниот оган од Ерусалим во Скопје: Ова е посебен Велигден и значаен момент во македонската црковно-национална меморија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и свечена делегација на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, вечерва на Меѓународниот аеродром Скопје, со присуство на претставници на почесната гарда на Армијата на Република Северна Македонија, ги пречекаа државната и црковната делегација, кои од Ерусалим го пренесоа Благодатниот оган во Скопје.

Оваа година, за прв пат, државна делегација на Република Северна Македонија и црковна делегација на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, присуствуваа на официјалната церемонија на преземање на Светиот Благодатен оган во Базиликата на Светиот Гроб во Ерусалим, без да бидат дел од делегација на друга држава. Благодатниот оган го преземаа лично претставниците на македонската државна и црковната делегација од Ерусалимскиот патријарх и го донесоа во земјава, како благослов за македонскиот православен народ и за нашата помесна православна црква, МПЦ-ОА.

Благодатниот оган, во фенер, го изнесе делегатот на Светиот архиерејски Синод на МПЦ-ОА, Неговото Високопреосвештенство г. Јосиф, Митрополит Тетовски-гостиварски, по што од него свеќи запалија присутните претставници на владината и на црковната делегација, кои ги пречекаа делегациите од Ерусалим.

Од Благодатниот оган свеќа запали и премиерот Ковачевски, кој го честиташе претстојниот празник Христовото Воскресение – Велигден на претставниците на МПЦ-ОА, на присутните, како и на сите граѓани кои празнуваат.

Премиерот Ковачевски порача дека личното присуство на македонска државна и црковна делегација во Ерусалим и непосредното пренесување на Благодатниот оган во земјава, е уште еден значаен момент во македонската национална и црковна меморија, што го прави посебно овогодишното чествување на најголемиот христијански празник, Христовото Воскресение – Велигден.
По церемонијата на пречекот на аеродромот во Скопје, свештените лица го пренесуваат Благодатниот оган до поглаварот на МПЦ-ОА, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, како и до храмовите и епархиите ширум државата.

Во составот на владината делегација, во Ерусалим беа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

Симнувањето на Благодатниот оган во базиликата на Светиот Христов гроб во Ерусалим секоја сабота пред Христовото Воскресение, има древна традиција во христијанството и се случува во очекување на најрадосната објава за Христовото Воскресение.