5. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

ЦИВИЛ на средби со градоначалниците на Куманово, Центар и Гостивар за мултикултурализмот и европските вредности

ЦИВИЛ започнува со серија средби со градоначалници на кои е предвидено да стане збор за соработка и организирање јавен настан на тема „Граѓански дијалози за предизвиците и перспективите на мултикултурализмот и европските вредности на локално и национално ниво“.

Првите три средби се закажани со градоначалниците на Центар, Куманово и Гостивар. Претставниците на ЦИВИЛ ќе се сретнат со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, на 6 април, Центар, Горан Герасимовски, на 7 април и Гостивар, Арбен Таравари, на 11 април. По средбите, ЦИВИЛ ќе излезе со соопштение за заклучоците од средбите.

Овие средби се дел од проектот на ЦИВИЛ „Заедно за подобра иднина“, посветен на промоцијата на мултикултурализмот и европските вредности, а се спроведува со поддршка од Министерството за надворешни и европски работи на Големото Војводство Луксембург.
Првата компонента на проектот е под наслов „Граѓански дијалози“ каде што се поканети претставнички и претставници на локалните институции на власта, бизнис заедницата, образовните установи, граѓанските организации и други форми на граѓанско здружување, етнички и верски заедници и други лидери во заедниците.

Сите заедно, ќе бидат дел од низа активности и настани на локално ниво со кои ќе се промовираат мултикултурализмот и европските вредности, но истовремено ќе се создаде и платформа на која сите засегнати страни ќе ги говорат за предизвиците, но и за решенијата и перспективите на клучните теми и процеси на локално и национално ниво.

Претходно, претставниците на ЦИВИЛ одржаа средби и со Министерката за труд и социјални политики, Јованка Тренчевска и Националниот координатор за мултикултурализам, Роберт Алаѓозовски.