25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Ковачевски: Пред нас е можноста за членство во ЕУ до 2030 година

По отворените преговори, пред нас е можноста за членство во ЕУ до 2030 година. Ова го истакна претседателот на Владата, Димитар Ковачевски кој се обрати на почетокот на Шеснаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Македонија и Европската Унија, што започна и се одржува денеска во Скопје.

Со оглед на ротирачкото претседателство со Советот за стабилизација и асоцијација, со овогодинешнот состанок претседава Македонија, односно претседателот на Владата Ковачевски, а ко-претседавач од страната на Европоската Унија е високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.

„Овој состанок на Советот има историска димензија, бидејќи по 22 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и 17 години по стекнувањето на кандидатскиот статус, го одржуваме со започнати преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија, како членка на НАТО. Владата којашто ја предводам и во наредниот период ќе вложи максимални напори за навреме да ја заокружиме и отворачката фаза од пристапните приговори и да овозможиме динамизирање на преговорите“, порача премиерот Ковачевски.

Ковачевски рече дека Владата работи со силен фокус на спроведувањето на неопходните реформи, особено во делот на владеењето на правото и дека продолжува посветеноста во унапредувањето на добрососедските односи преку развивањето дијалог базиран на меѓусебно почитување, во духот на европските вредности.

„Со целосна посветеност кон реформската агенда и динамизирање на процесот на преговори, Владата си постави амбициозна цел – Северна Македонија да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во Европската Унија до крајот на 2030 година, за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетски период на Европската Унија“, порача премиерот Ковачевски.

Тој посочи дека бруталната инвазија на Русија врз Украина длабоко ja промени геополитичкaта реалност и нашата држава веднаш и недвосмислено се приклучи кон едногласната осуда на Европската Унија и меѓународните партнери, за неоправданата и неиспровоцираната агресија врз суверена земја и согласно своите можности, пружи хуманитарна, воена и дипломатска помош.

„Република Северна Македонија се приклучи кон сите рестриктивни мерки коишто ЕУ ги воведе кон Руската Федерација, вклучувајќи ги и воведените во 2014 година, како резултат на анексијата на Крим, со што направивме 100-процентно усогласување со позициите на ЕУ во доменот на заедничката надворешна и безбедносна политика. Со овој чекор ја реафирмиравме својата посветеност кон споделувањето на европските вредности и принципи, врз коишто се базира надворешната политика на Европската Унија, потврдувајќи го партнерството со ЕУ и стратешката европска ориентација“, рече во обраќањето премиерот Ковачевски.

Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) којашто стапи во сила на 1 април 2004 година, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи, сѐ до приемот на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Во делегацијата на Македонија се и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а во делегацијата на Европската Унија учествуваат и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, како и претставници на земјите членки на Европската Унија и европските институции.