Ставот на граѓаните се должи на многу ниската доверба која ја имаат кон работата на судовите. Симптоматично е тоа што таа недоверба веќе е традиционална и никако да се поправи впечатокот кај граѓаните во врска со правораздавањето на судовите, вели за „Локално“ адвокатот Владо Бангиевски, коментирајќи го последното истражување на „Детектор“, според кое половина од граѓаните сметаат дека меѓународната заедница треба да биде вклучена во процесот на избор на судии и обвинители.
Посочува дека процентот на доверба е исклучително низок и тоа не е за потценување.
-Но, решението не е во странскиот фактор. Тоа би значело многу сериозно ограничување на суверенитетот на земјата и би било јасен индикатор дека ние сме неспособни како држава да си ги средиме внатре, нашите внатрешни проблеми и предизвици, истакнува Бангиевски.
Адвокатот смета дека решенијата за проблемите со кои се соочува судството кај нас, вклучително и во однос на довербата на граѓаните кон него, мора да се бара во системските промени, но и во доследно спроведување на законите и другите прописи.
Истражувањето кое за „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје, покажува дека граѓаните во мнозинство бараат странски експерти и во Антикорупциската комисија, така што 53,2 проценти сметаат дека со цел да се зајакне нејзиното влијание странски експерти треба да бидат вклучени во ДКСК. Соговорникот на тоа вели дека е против за секој проблем во општеството да се формираат комисии.
-Ова од причина што на тој начин само се бирократизираме – а не го добиваме посакуваниот ефект. Немам увид во работата на ДКСК за да можам детално да коментирам, но со корупцијата треба да се занимаваат обвинителствата и тука треба да се стави акцентот, во јакнење на институционалниот капацитет на обвинителствата – а не да се разводнува проблемот со дополнитено формирање на тела (комисии) кои чинат многу буџетски пари, за ефект кој е мал или минимален. Процентот на доверба која ДКСК ја ужива кај граѓаните тоа го покажува, оценува Бангиевски.
Н.П.
извор Локално.мк