23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски од Економскиот форум: Економската и енергетска криза ја претвораме во можност, носиме странски инвестиции, овозможуваме подобар економски раст и поквалитетен живот на граѓаните

Со официјално обраќање, премиерот Димитар Ковачевски го отвори вториот Економски форум во Скопје, во организација на Делфи Економски Форум и Грчката бизнис асоцијација во Северна Македонија.

На Форумот присуствуваа влијателни личности од земјава и регионот, претставници на политичкиот и економскиот живот, меѓу кои, претставникот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, министри, пратеници, претставници на дипломатскиот кор и на меѓународни организации, како и претставници од бизнис секторот.

За време на Форумот се одржуваат серија панели, на кои ќе се зборува за руската агресија врз Украина, пристапот на Балканот во ЕУ, енергетската перспектива во регионот, инвестициите во инфраструктурата, улогата на жените во обезбедувањето одржливост, странските инвестиции во Северна Македонија и регионот, како и за стратегиите за економски развој и дигитална трансформација.

Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски:

“Најпрво сакам да изразам сочувство до премиерот Мицотакис, до грчкиот народ, до семејствата на загинатите за трагичната несреќа што се случи вчера во Грција и да им посакам брзо заздравување на преживеаните во овој трагичен настан.

Огромна чест и задоволство ми е денеска да го отворам вториот по ред Економски форум, овде во Скопје, каде сме домаќини на еден од најголемите регионални собири, кој прерасна во традиционална средба на највлијателните чинители на политичката и економската сфера во регионот и пошироко. Тука, на едно место, ќе ги чуеме ставовите и мислењата на различни чинители, кои се надевам, ќе се преточат во политиките на државите кои ги претставуваме.

Би сакал да ги поздравам и организаторите, Економскиот форум од Делфи, Грција и Грчката Бизнис Асоцијација во Северна Македонија, кои го организираа овој значаен собир, во партнерство и соработка со домашните компании.

Би сакал да им посакам топло добредојде на моите драги колеги од регионот, г-нот Курти и г-нот Абазовиќ, кои денес ќе присуствуваат во Скопје и учествуваат на Форумот, потоа ги поздравувам и г-нот Гир, претставниците од дипломатскиот кор, како и вицепремиерите, министрите, пратениците, директорите на претпријатија, како и претставниците од бизнис секторот од државата и од регионот.

Претходниот, прв Економски форум, се одржа во ек на корона кризата, а сега, две години подоцна, се соочивме со светската економска и енергетската криза, која предизвика забавување на економиите и раст на инфлацијата на глобално ниво. Владата, успеа да го сузбие растот на електричната енергија и да го ублажи ценовниот шок за граѓаните со навремените мерки, со над 760 милиони евра.

Според податоците на Светска банка во регионот издвоивме највисока буџетска поддршка, дури 5% од Бруто-домашниот производ за справување со кризата.

Морам да напоменам дека сите мерки се носеа во партнерство со засегнатите страни, со поддршка од државите од регионот, на Европската Унија и нашите стратешки партнери Соединетите Американски Држави.

Економскиот форум годинава го дочекавме во уште еден голем предизвик, за кој сме сметале дека ваквите настани ќе бидат дел од историјата и таму ќе останат. Но, за жал, се соочуваме со воената агресија на Руската федерација врз Украина, која целосно ја измести гео-политичката сцена, оставајќи огромни последици со кои секојдневно се бориме.

Сепак, и лошото искуство е поука. Барем ние, народите од овие простори сме поминале турбулентни историски моменти исполнети со конфликти, поделби, раздори, убивања.

Поучени од тие поделби и раздори, не треба да се вртиме кон минатото, туку треба да се фокусираме на иднината, на тоа како да ги подобриме нашите економии, како да им овозможиме на нашите граѓани подобар стандард и поквалитетен живот.

На денешните сесии ќе зборуваме за овие, како и други актуелни теми од значење за сите нас, креаторите на политиките во регионот и пошироко.

Секоја наша нова средба носи ново искуство, нова размена на идеи коишто ни помагаат на сите во различни домени и драго ми е што повторно се гледаме на Економскиот форум, кој на сите ќе ни ги отвори видиците за подобро утре на нашите сограѓани.

Горд сум што можам да ги пренесам заклучоците од неодамна одржаната Минхенска безбедносна конференција, каде Северна Македонија е препознаена како фактор на стабилност на Балканот.

Досега сум кажал, но пак ќе истакнам, веќе не е прашање дали Западен Балкан ќе стане дел од ЕУ, туку кога ќе стане дел од ЕУ.

На Економскиот форум гледам како на продолжение, односно надополнување на заедничките регионални иницијативи, меѓу кои и Отворен Балкан, каде преку различни проекти, го олеснуваме и подобруваме животот на граѓаните.

Северна Македонија е земја членка на НАТО, земја која ги отпочна преговорите со ЕУ, земја учесничка во Берлинскиот процес и земја, која од оваа година, го презеде претседавањето со ОБСЕ. Ние сме земја која отворените прашања на билатерално, регионално или меѓународно ниво ги решаваме по дипломатски пат, а не насилно.

Затоа, за нас е несфатлива и неприфатлива воената агресија на Русија врз Украина, акт со кој се кршат сите меѓународни норми и правила, пренесени во меѓународните договори.

Северна Македонија цврсто чекори кон ЕУ. Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам на нашите стратешки партнери САД и земјите членки на ЕУ, кои во изминатиов период даваа и даваат безрезервна поддршка на нашето членство во Европската Унија, како и поддршка на реформските процеси на тој пат.

Нашата држава, заедно со Србија и Албанија веќе функционира како Европска Унија во мало. Неодамна Собранието на Република Северна Македонија ги ратификуваше законските решенија кои произлегоа од иницијативата Отворен Балкан.

Со тоа, нема веќе граници меѓу овие три земји. Отворен Балкан е реалност за граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија, кои ќе можат да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци. Со тоа се либерализира регионалниот пазар на трудот.

Станува збор за огромна помош и олеснување за компаниите со цел полесно отворање на нови работни места и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа.

Ги гледаме придобивките од отворањето на заедничките гранични премини и каков бенефит од тоа имаат нашите граѓани, на кои им се олеснува и скратува движењето преку границите.

Дополнително, од круцијално значење за трговската размена во регионот и пошироко, се „зелените коридори“, за што ќе треба заеднички да работиме со цел да го подобриме и прошириме нивното функционирање и кон земјите членки на ЕУ. Со тоа ќе влијаеме и ќе придонесеме за подобар имиџ на нашите економии и држави.

Во оваа прилика, сакам да истакнам дека нашата економија и во услови на најголемата криза е стабилна и ќе расте.

Тоа се должи на храбри одлуки кои ги носиме, со цел кризата да ја претвориме во можност.

Направени се значајни постигнувања, а во оваа прилика ќе издвојам само неколку:

Минатата, 2022 година, една од најкризните години во Европа, ние имаме рекордна бројка на странски директни инвестиции – 430 милиони евра во технолошко-индустриските развојни зони. Отворени се нови 2.300 работни места, со плати повисоки од државниот просек.

Со цел, ние како држава да ги помогнеме компаниите, а согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во 2022 година исплативме рекордна државна помош од 23 милиони евра на 410 компании, кои вработуваат над 27.000 работници. Минатата година се потпишани нови 277 договори, што е најголем број потпишани договори, од донесувањето на законот.

Минатата недела, еден од нашите најголеми странски инвеститори во технолошко-индустриските зони, германски Гересхајмер, каде се произведуваат медицински продукти за потребите на реномирани светски фармацевтски компании, отвори нова, втора фабрика во нашата држава, што е најголема инвестиција досега во слободните зони и во самата компанијата во сите нивни светски операции кои ги имаат.

Бранот на нови странски инвестиции ќе продолжи и годинава. Тоа се должи на поволностите кои, ние како држава ги овозможуваме за странските инвеститори кои во Северна Македонија гледаат како на безбедна дестинација за инвестирање.

Затоа би сакал да ги стимулирам сите потенцијални инвеститори да не се двоумат, туку да ги вложат своите средства, по примерот на инвеститорите кои вложуваат во моментов во нашата држава, нудејќи европски плати за македонски услови.

Нашите граѓани, како и граѓаните од регионот на Западен Балкан заслужуваат европски услови за работа и европски плати.

И кај извозот бележиме рекорди. Извозот на компаниите во зоните, достигна највисоко ниво од 3,7 милијарди евра, односно 25% над највисоката точка која ја достигнавме во 2021. Пресметките покажуваат дека за секој денар исплатена поддршка од државата, во Буџетот се враќаат 4 денари.

Почитувани,

За нас, 2023 година е година на нови можности.

Оваа година, како и годините пред нас, сакаме да се фокусираме на остварување на нашите планови за целосно регионално патно, железничко, инфраструктурно и енергетско поврзување.

Работиме на финализирањето на патната мрежа од Коридорите 8 и 10, со што ќе се поврземе со нашите соседи, регионот и пошироко, што на сите нас ќе ни отвори многу неограничени можности на сите полиња.

Изградбата на овие Коридори ќе биде одраз на нашите политики на добрососедство, градење на меѓусебна доверба и пријателство.

Но, подеднакво важно за нас е и годинава да се фокусираме на искористување на нашите потенцијали како земја, во насока на зелената трансформација на државата, што ќе овозможи на нашата држава национална енергетска независност и ќе ни даде сигурност за предвидлив развој на економијата.

Планираме засилени инвестиции, поддршка и енергетско поврзување на регионот. Зелената трансформација се движи во три насоки. Првата е поврзување и диверзификација на енергенси за државата.

Северна Македонија во моментов има само еден извор на гас, тоа е преку Република Бугарија. Во тек е инвестиција на нов гасовод од Република Грција, како и уште еден гасовод од Република Бугарија. Втор сегмент на инвестиции се обновливите извори на енергија.

Освен поддршката која ја обезбедуваме за фотоволтаици, кои се доминантна инвестиција и на компаниите, исто така, се инвестира и во мали хидроцентрали, ветерни централи, како и централи на биогас.

Во 2022 година изградени се нови електроцентрали со над 152 МWh инсталиран капацитет што произведуваат струја од обновливи извори на енергија.

Регулаторната комисија за енергетика, минатата година издаде 267 дозволи за производство на зелена електрична енергија.

Овие инвестиции имаат значителен придонес во енергетската трансформација и независност.

Овие нови централи што произведуваат струја од сонце, ветер, вода и биогас што се изградени за една година се еднакви со енергетските капацитети кои се граделе со години како ХЕЦ Козјак, ХЕЦ Св. Петка и ветерниот парк Богданци. Со инсталираниот капацитет, што е изграден за само една година, може да се задоволат потребите на 65.700 домаќинства кои имаат просечна потрошувачка на електрична енергија. Односно од овие капацитети од ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ може да се задоволат потребите на домаќинствата од шест градови од земјава: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка и Свети Николе.

Компаниите најмногу инвестираат во фотонапонски електроцентрали, меѓутоа забележително е инсталирањето на 36 мегавати ветерни централи, 7,2 мегавати мали хидроцентрали и 2,5 мегавати централи на биогас.

Од клучна важност за економскиот раст на земјата се и третиот дел на инвестиции, кои се однесуваат на унапредување на дистрибутивната и преносната електроенергетска мрежа преку граничното поврзување со сите земји од регионот.

Стратешка определба на Владата на Република Северна Македонија е подобрување на диверзификацијата во снабдувањето со природен гас, за што во јуни годинава се очекува да почне реализацијата на интерконекцијата кон Република Грција, чијашто изградба се очекува да заврши во 2025 година. Останатите две интер-конекции, со Србија и со Косово, се во фаза на изработка на проектна документација.

Поддршката на земјите од регионот беше важна во услови на светска енергетска криза и сме среќни што гледаат интерес за инвестиции во нашата земја.

Во овој контекст, грчката компанија „Митилинеос“ во Скопје, изрази желба и поднесе документација да гради гасна централа од која ќе се произведува електрична енергија вредна 211 милиони евра, а Владата ја одобри инвестиција како стратешка.

Сакам да напоменам и дека грчката државна компанија „ППС“, достави понуда во процедурата за изградба на нашиот најзначаен енергетски капацитет ХЕЦ Чебрен, која во моментот се евалуира. Во ХЕЦ Чебрен ќе се произведува електрична енергија од најмалку 333 мегавати.

Имајќи предвид дека станува збор за реверзибилна електрана, истата ќе има огромно значење за балансирањето на енергетскиот систем и интеграција на обновливите извори на енергија.

Дополнително, со зголемувањето на сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија, се овозможи диверзификација на нашите извори на снабдување, како и користење на сите извори што во моментов се присутни на пазарот на природен гас во регионот. Со овој договор се намалува зависноста од руски гас која што ја имаше земјата во изминатите децении.

Наша зацртана цел е целосно гасифицирање на државата и нејзиното поврзување со соседите, на што ќе бидеме фокусирани во следниот период.

Исто така, наш приоритет е и енергетската трансформација и енергетската независност, а нашата земја е регионален лидер во енергетската трансформација, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб.

На крајот, дозволете ми уште еднаш да го поздравам одржувањето на Економскиот форум, кој, како што кажав, се надевам дека ќе прерасне во традиционален собир.

Овие наши средби се со цел за да ни помогнат во креирање на нашите стратегии и визии и да ни помогнат на сите во кроењето на подобра иднина за нашите граѓани.

Посакувам на собирот и форумот успешна работа!“