23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Битиќи- Лематрие: Вложувањето во истражување и развој е влог во идниот раст и развој

Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес во Брисел оствари средба со Марк Лематрие, Директор на директоратот за истражување, технолошки развој и иновации на Европската Комисија.

На почетокот на средбата Битиќи и Лематрие зборуваа за чекорите кои Северна Македонија ги презема за поттикнување на инвестициите и вложувањето во истражување и развој, што, како што истакна вицепремиерот Битиќи е исклучително важно за постигнување на посакуваниот развој во економијата но и во целокупно унапредување на општествените процеси.

Вицепремиерот Битиќи изрази задоволство од резултатите на програмата „Хоризонт Европа“ каде Северна Македонија е со статус на асоцијативна земја членка.

„Хоризонт Европа, програмата на ЕУ која финансира проекти за конкурентност и иновации е програма која претставува новост за нас, но никогаш не се двоумевме да бидеме нејзин дел. Процентот на успешност според последниот извештај на Европската Комисија е 16% што не прави рамноправни со другите земји членки на ЕУ“, рече Битиќи.

Битиќи и Лематрие зборуваа и за процесот на креирање на стратегијата за Паметна специјализација, која е исклучително важна за развојот на нашата земја, и која користејќи ги сите податоци достапни на институциите треба да даде одговор кои се нашите конкурентски предности, и во кој правец треба да го движиме нашиот економски развој.

На крајот на разговорот, вицепремиерот Битиќи го спомена и првиот дигитален асистент во јавниот сектор – АДА кој наскоро треба да биде промовиран и јавно достапен, на што Лематрие беше пријатно изненаден и истакна дека ова е пионерски исчекор во сферата на дигитализацијата во јавен сектор, па дури и за Европската Унија.