24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

„Втора шанса“ овозможува дооформување на средното стручно образование на ранливите групи за полесна активација на пазарот на труд

Во рамки на ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ кој го спроведува Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, денеска беше промовирана пилот мерката „Втора шанса“, која се реализира со финансиска поддршка на Европска Унија.
По тој повод се оддржа работна средба на која присуствуваа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, раководителот на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Стефан Худолин, директорот на Агенцијата за вработување, Беким Мурати, помошник директорката Елена Ѓоргиева на средното училиште на Град Скопје „Лазар Танев“,, како и директори на средни стручни училишта, претставници од Центарот за образование на возрасни и Центарот за средно стручно образование.
Во своето обраќање до присутните министерката Тренчевска посочи дека во стратешките цели на Министерството за труд и социјална политика е активација на што поголем број на ранливите групи на невработени лица како што се: млади, долгорочно невработени, жени и корисници на гарантирана минимална помош на пазарот на трудот.
„Пристапот за реализација на оваа стратешка цел е различен. Едниот пристап е преку мерките за вработување со кој им се овозможува на невработените лица да се вработат односно преку различни видови на обуки во реални работни услови, невработените лица да се стекнат со поголема вработливост и да бидат поконкурентни на пазарот на трудот. Другиот пристап е, а имајќи ја во предвид големата бројка на евидентирани невработени лица со основно и незавршено средно образование, да го дооформат своето образование и тоа во формалниот систем на образование пред се средното стручно образование со цел задоволување на потребата на реалниот сектор од квалификувана работна сила. Ваквиот пристап се применува пред се преку имплементација на пилот мерката за вработување „ВТОРА ШАНСА“, истакна Тренчевска.

Првично „Втора шанса“ се воведе во Планот за Гаранција за млади како можност младите лица НЕЕТ до 29 години да се доквалификуваат или преквалификуваат и да се стекнат со уверение за стекнато знаење и вештини во рамките на формалниот систем на образование. Потоа „ Втора шанса„ како пилот мерка за вработување се воведе во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година и 2023 година. Со оваа мерка се очекува невработените лица кои бараат работа, а се со незавршено средното стручно образование, да го довршат и оформат своето средно стручно образование во период од 12 месеци, и да се стекнат со државна призната диплома за стручно образование и да се стекнат со II и III ниво на стручни квалификации.
“Главните предизвици на полето на трудот остануваат да бидат неусогласеноста на пазарот на трудот и недостигот на знаење и вештини кои се потребни на денешниот пазар на трудот. Оттука и високата стапка на невработени лица од ранливите групи. ЕУ ја поддржува Северна Македонија во справувањето со овие предизвици со инвестирање во реформи и програми кои ја зголемуваат вработеноста на луѓето од ранливите групи. „Втора шанса за образование“ е дел од ова. Програмата не само што ги подобрува шансите за вработување на учесниците,тоа им носи и други придобивки – повеќе лични кои не се лесни за мерење, но не помалку важни. Тоа ќе донесе лични задоволства и доверба, социјална вклученост, подобра интеграција во општеството,” истакна Худолин.
Според податоците од 31 јануари 2023 година, од вкупно 111.896 невработени лица, 58% се лица без образование и со основно образование, а 9% се со непотполно средно образование. Досега Агенцијата за вработување организираше 6 регионални средби низ целата држава за претставување на програмата Втора шанса.

„Ваквата структура ја оневозможува успешноста на примарната функција на Агенцијата за вработување, а тоа е посредувањето при вработување. Континуирано преземаме мерки за унапредување на соработката со работодавачите и за зајакнување на взаемната доверба, поради што е неопходно да бидеме во можност да им понудиме квалификувана работна сила за отворените слободни работни места. Како Агенција, заедно со Министерството за труд и социјална политика и други надлежни институции, спроведуваме низа активни мерки за вработување со кои што го олеснуваме преминот на пазарот на трудот, особено на најранливите категории невработени лица. Меѓутоа, сепак потребна е посестрана меѓуинституционална соработка, особено поголема вклученост на образовните институции. И токму тука е улогата на програмата Втора шанса“, рече Беким Мурати, директор на Агенција за вработување на Република Северна Македонија.

Агенцијата за вработување, веќе трета година, го спроведува ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот”, за кој три милиони евра се обезбедени од страна на Европската Унија, приближно 350 илјади евра се од национално кофинансирање и 841 илјади евра од Буџетот на Агенцијата за вработување. Општа цел на проектот е да се намали долгорочната невработеност со вклучување во специјализирани програми и услуги за развој на вештини на ранливите групи на пазарот на трудот. Целна група се евидентирани невработени лица со незавршено средно стручно образование, односно со завршена најмалку прва година од средното стручно образование, а кои спаѓаат во следните целни групи: корисници на гарантирана минимална помош; млади лица до 29 години; жени; лица со попреченост и долгорочно невработени лица, кои се повеќе од 12 месеци во евиденцијата на невработените.