Љубиша АРСИЌ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ активно и без издржани аргументи се противи на вметнувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија, со цел да се спречи отворањето на поглавјата во преговорите со Европската Унија, но од друга страна актуелниот претседател Христијан Мицкоски и поранешниот, Никола Груевски, се обидуваат да го рехабилитираат Ванчо Михајлов, за кого се знае, според историските факти, дека не ги признавал Македонците како посебна нација.
Партијата ВМРО-ДПМНЕ организираше и протести против отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, а поднесоа и измени на Законот за здруженија со цел да се спречи користењето на имиња на соработници на фашизмот, каков што бил токму Ванчо Михајлов, во називите на здруженијата. Пратеничката група на СДСМ поднесе измени и на Законот за политички партии со истиот текст, со цел истите правила да важат и за политичките партии по што и двата закони беа поддржани од речиси сите пратеници.
ВМРО-ДПМНЕ беше таа што Ванчо Михајлов го претстави како фашист и организираше протести против клубот во Битола
Со цел креирање на хистерија меѓу населението по отворањето на бугарскиот клуб во Битола, ВМРО-ДПМНЕ организираше и протести против истиот кога кажуваа дека е недозволиво во земјава да се отвора клуб кој носи име на фашистички колаборатор и со фашистички ставови.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи во нејзините јавни настапи тогаш зборуваше против името на бугарскиот клуб во Битола, не против самиот клуб и сметаше дека тој треба да носи друго име, а не името на човек кој бил против Македонците и имал фашистички ставови, особено кон Македонците.
„Во неговите книги кои се издадени во Рим стои дека Македонците се говеда и деца на Сталин. Се работи за човек кој е контроверзен, има фашистички ставови, колаборира со нацистичка Германија. Станал советник на Анте Павелиќ, се обидува да направи и квинслишка држава во Скопје во 1944 година, но видел дека амбиентот не е погоден за тоа. Се чудам зошто баш ваква личност за кој има историски факти, наместо да се одбере личност која ќе биде во знак на добрососедство“ – зборуваше Мизрахи на најезините телевизиски настапи.
Сепак, очигледно дека ваквите ставови на ВМРО-ДПМНЕ биле само за подгревање на атмосферата и креирање на хистерија меѓу народот, бидејќи само неколку месеци подоцна, нивниот претседател Мицкоски, но и поранешниот претседател на партијата Груевски го рехабилитираат Ванчо Михајлов и се обидуваат да го претстават како „син на Македонија“.
Груевски потврди дека Ванчо Михајлов не признавал македонска нација
Во својот последен текст на социјалните мрежи, Груевски ја обвинува владејачката партија, СДСМ, дека се обидува Ванчо Михајлов да го претстави како фашист и со тоа да оцрни дел од историјата на ВМРО, но како да заборавил дека токму неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ пред неполна година го тврдеше тоа.
Груевски сега се обидува да извртува тези и да оди спротивно на историјата тврдејќи дека Ванчо Михајлов, иако соработувал со фашистите, тој не бил фашист.
„Јас мислам дека не може секој кој имал некакви политички средби или соработка со фашистите да се нарече фашист. Тоа е моето убедување. Нацистичка Германија и фашистичка Италија, како и подоцна нивните сателит држави биле моќна сила во тоа време со која заради една или друга причина на некој начин волно или неволно политички соработувале речиси сите важни политички, дипломатски и воени фактори во тоа време, особено до почетокот на втората светска војна. ВМРО како единствена високо организирана политичка и воена сила и силен фактор во Македонија, барала разни начини за да ја оствари долгоочекуваната слобода и независна држава Македонија. Дел од нив можеби во даден момент гледале некаква шанса во соработка со фашистичка Германија да остварат некои цели, но тие цели повторно биле формирање независна и суверена обединета Македонија“ пишува Груевски.
Сепак, во истиот текст Груевски признава дека Ванчо Мијалов се сметал себеси за Бугарин и за Македонија зборувал дека таа е држава на Бугарите и други националности, но не и Македонци.
„Кога се создава македонската држава и нација тој повторно се декларира како човек со бугарско самочувство и го негира постоењето на македонската нација, за што сведочи и неговото интервју во 1990 година за еден бугарски медиум. Факт е дека и во време кога бил активен, тој за Македонија говорел како држава на Бугари и други народи во неа, но не Македонци“ пишува Груевски.
За Мицкоски, Ванчо Михалов е неоспорен дел од континуитетот на ВМРО и не гледа причина да се оградува
Слично размислува и наследникот на Груевски, Мицкоски кој само неколку месеци по протестите кои тој ги организираше против името на клубот „Ванчо Михајлов“ по медиумите го бранеше Михајлов и одби ВМРО-ДПМНЕ да се огради од континуитетот кој го има од Ванчо Михајлов.
Тој го оцени Ванчо Михајлов како контраверзен, но не виде потреба да се оградува од него, бидејќи тој ја водел Организацијата во одреден период од историјата.
„Не, па јас не мора да се сложувам со тоа што во одреден временски период го правеле претходниците во историска смисла на зборот кога раководеле со организацијата, па со денеска современото ВМРО-ДПМНЕ, за неколку децении можеби некој од нас ќе се оградува. Тоа не значи дека ние сме се сложувале со тие политики, но тоа е еден континуитет којшто ВМРО-ДПМНЕ го има преземено и тој континуитет треба да се почитува, ние сме партија за македонско национално единство, не мора да се сложуваме со политиките на претходниците и затоа велам да се задржиме на денешницата и да гледаме кон иднината“ рече Мицкоски во ноември.
Со ваквите јавни настапи на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ станува јасно дека нивните жестоки и неаргументирани противења на уставните измени, но и активностите со кои се подгрева атмосферата и создава хистерија во земјава се само за дневнополитички цели, воопшто неводејќи грижа за историјата, националните чувства, но и иднината на земјава.
Кога им носеше политички поени, ВМРО-ДПМНЕ беше против Ванчо Михајлов и тој беше со фашистички ставови, но неколку месеци подоцна тој остана дел од континуитетот на ВМРО и се прават обиди да се рехабилитираат неговите фашистички ставови. Кога носи политички поени тие немаат ништо против Бугарите, кои според нив, се бореле за независна Македонија, но сега се против уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, свесни дека кога ќе се тргнат сите пречки на патот кон ЕУ, земјава ќе треба да работи на реформи и владеење на правото.
извор Рацин.мк