26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Маричиќ: Решението на Стразбур е сигнал за домашните судови да си ја завршат работата

Според вицепремиерот Бојан Маричиќ решението на судот во Стразбур е позитивна вест за државата. Во интервју за Македонско радио тој кажа дека две и пол години се водела кампања дека „само што не одлучил судот во Стразбур целосно да ги ослободи од сите случаи, поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ“.

-Тоа се една серија на случаи коишто произлегоа од масовното и нелегално прислушување во нивно време, во време на нивното владеење. Така што таа релативизација, дека сега тоа не било ништо посебно, мислам дека нема потреба од тоа. Треба да се влезе во пресудата и во аргументите на двете страни и во аргументите што ги уважува судот. Ние како одбрана на Владата и на државата направивме се за да ги изнесеме аргументите дека овие апликации се недопуштени и дополнително дека дури и доколку навлезе судот во мериторно одлучување, во суштината на случајот дека не треба да ја уважи аболицијата на Иванов, односно дека таа е ништовна. Судот ги уважи аргументите дека овие апликации се недопуштени и тоа е еден вид на правна победа на државата. Не е политички, дали е триумфално или не, тоа е веќе на теренот на политичка борба, вели Маричиќ.

Тој кажа дека она што било важно за Владата и државата е овие случаи да добијат своја разрешница и свој исход пред македонските судови.

-Целта на обвинетите, да речам, на оние коишто се во тие случаи беше сосема спротивно, да нема исход во македонските судови, туку да се признае аболицијата. Инаку и прашањето за аболицијата не е целосно разрешено во нашите судови и институции, ниту Уставниот суд, ниту другите ниту сите други судови не заземале став. Постојат случаи каде што Основниот кривичен суд и Апелацискиот суд имаат заземено став дека таа е невалидна и ништовна и затоа ги продолжија случаите. Така што и во правна смисла мислам, па и во политичка смисла, ова е важен сигнал за нашите судови да си ја завршат работата, дека нема простор за очекување дека некој друг ќе ја заврши работата, дека тоа е одговорност на нашите судови и надеж дека сите овие случаи ќе добијат своја разрешница без разлика каква, бидејќи е битно според доказите судот да пресуди таму каде што има основа. Таму каде што нема, секако има и ослободителни пресуди. Значи важно е тоа доби разрешница и да ја врати вербата и довербата на граѓаните дека во Северна Македонија има надеж за правда, истакна Маричиќ.