Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, одржа панел дискусија со домашниот граѓански сектор, вклучително и младинските организации, со која го најави одржувањето на Преспа Форум за Дијалог 2023, којшто ќе се одржи на 15 и 16 јуни 2023 година во Струга.
„ПФД полека го наоѓа своето место на мапата препознатливи меѓународни форуми и прераснува во наш бренд. Практички гледано, ПФД е единствениот форум со сеопфатна содржина којшто се одржува во Западниот Балкан. Потврда на неговата вредност и важност се и исклучително позитивни оценки искажани од бројните највисоки учесници – од десетина претседатели на држави и премиери на влади, министри за надворешни работи, претставници на меѓународни и регионални организации и, секако, на граѓанското општество, вклучително и од странство од каде што некои истакнати тинк-тенкови искажаа интерес за воспоставување соработка со ПФД. Ваквата позитива слика ја создава и обврската, ова ново издание да биде подеднакво добро осмислено и организирано”, рече Османи.
Кусо осврнувајќи се на изминатите изданија, Османи брифираше за отпочнатите активности за реализација на овогодинешниот форум, истакнувајќи дека ПФД2023 ќе ги рефлектира петгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, актуелното претседавањето на Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка на Европа – ОБСЕ, САД – Јадранската повелба (А5) и Процесот за соработка во Југоисточна Европа – ПСЈИЕ во комплексен геополитички моментум.
Министерот Османи подвлече дека ПФД 2023 ќе настојува да го промовира конструктивниот дијалог, добрососедството и соработката во насока на изнаоѓање дипломатски решенија на тековните и идните предизвици на регионален и меѓународен план а меѓу темите ќе се најдат и борбата против корупцијата, хибридните закани, миграциите, странските малигни влијанија, меѓународните рестриктивни мерки како и евроинтеграцијата на Западен Балкан.
Во однос на младите, истана дека е во план да биде одржан засебен Младински ПФД2023 на 14 јуни, а со цел младинските претставници да можат да ги споделат заклучоците од нивните дискусии на сесиите и панелите на 15 и 16 јуни.
„Преку одржувањето на ПФД настојуваме, и како држава и како регион, да дадеме придонес во унапредувањето на дијалогот, заемната доверба и соработката коишто се клучни елементи во меѓународните односи и претставуваат камен темелник за мирот и долготрајната безбедност”, нагласи Министерот.
На дискусијата беа разменети идеи и мислења во контекст на содржинскиот аспект на новото издание со квалитетен придонес од страна на граѓанското општество и младинските организации со кој ќе се збогатат подготовките за одржување на уште еден успешен ПФД.