Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+ТЕМАИЗБОР

Кој е Азир Алиу, предлогот за нов министер на МИОА?

Како предлог од политичката партија Алијанса за Албанците, за нов министер во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) дојде името на докторот по информатички науки, г-дин Азир Алиу.

Од она што може да се забележи во неговата биографија која беше доставена до Собранието, станува збор за интернационален експерт во областа на информатичките технологии и образованието, со повеќе од 20 години работно искуство во приватниот и академскиот сектор. Неговите ангажмани се отсликани во сериозно портфолио од низа реализирани проекти во области како дигитална трансформација, развој на стартап екосистеми, вештачка интелигенција и машинско учење.

На должноста министер, доаѓа од позиција на универзитетски професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, каде предава на факултетот за Компјутерски науки и технологија. Она што и досега беше јавно познато за него е дека Алиу е единствен претставник од Република Северна Македонија во Програмата “Digital Citizenship Education” во Советот на Европа.

Во неговата кариера извршувал и повеќе функции како ментор и советник, а забележителен ангажман е и тој кога неговиот капацитет го користела и Владата во периодот кога таа била предводена од Никола Груевски.

Алиу во регионот е препознаен како експерт за креирање на политики во областа на технологиите (S&Т), а од неговото CV може да се забележи дека бил вклучен и во неколку процеси за акредитација на студиски програми и факултети, како на пример Универзитетот во Тбилиси во Грузија или Универзитети во Ереван, Ерменија.

Од она што може да се види од неговите јавни профили по социјалните мрежи, забележително е дека Алиу е голем љубител на животните и спортувањето, а често може да се забележи и по планинарските тури заедно со неговото семејство и пријателите.

Долги години е вклучен во дигиталната и стартап заедница во Република Северна Македонија како еден од лидерите кој долги години придонесува во нејзиниот развој, со проекти како Технолошкиот парк и SKilsNext националниот центар во Тетово или iCAN младинскиот центар во Гостивар, а често може да се забележи и како говорник на различни конференции и настани.

Спонзорирано: