„Важно е овој ентузијазам кој сега го има во нашите институции за преговорите, а кои и претставниците на ЕУ го препознаваат да го задржиме, негуваме и поттикенеме да продолжи. Не можеме да го изведеме овој процес без добрите луѓе од администрацијата, академската заедница, бизис заедницата, невладиниот сектор, медиумите“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Аргумент плус“ на ТВ24.
Тој додаде дека интересот е овој ентузијазам кој сега постои во институциите и меѓу луѓето кои учествуваат во скрининзите, да се задржи, унапреди и мотивира со мерки кои ќе ги задржат тие луѓе во процесот до крај.
„Овие луѓе треба да бидат континуитет меѓу сите влади. Ова е процес кој надминува мандат на било која влада и затоа мислам дека е важно. Инвестицијата во тие луѓе е најдобрата инвеситција која може да ја направиме“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека има доволно луѓе со капацитет во институциите, но дека се потребни уште.
„Сме ги лоцирале професиите во кои треба да вложуваме повеќе. Сега има можност до 30 отсто бонус за најквалитетните вработени, разговараме тоа да се прошири. Во СЕП и сите институции, луѓето кои работат на ИПА структурите имаат автоматски 15 отсто додаток. Тоа е мал чекор и не е доволно“ рече Маричиќ и додаде дека треба да направиме тие луѓе да се мотивирани и да се вложуваат максимално во јавниот сектор, наместо да заминат и да работат како консултанти или да се префрлат во приватниот сектор.