23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Костадиновска: Министерството ги штити зданијата што сведочат за нашиот идентитет и нашата посебна историја

Културата сама по себе е капитална инвестиција, кажа министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, за време на годишната конференција „Година на нови можности“. Таа каже дека ако во најкризните времиња низ историјата се создадени најголемите дела во уметноста, и ако во најкризните времиња најсигурната „недвижност“ се уметничките дела, тогаш одговорот е секогаш во полза на културата.

-Во комбинација со нашата свест за нејзината улога и важност, таа носи и огромна добивка која не се мери само како економски бенефит. Но, во културата мора внимателно и остроумно да се инвестира. За културата не е капитална инвестиција да изградите театар чии темели се во вода. За културата не е капитална инвестиција да подигнете споменик за кој немате храброст да го наречете по име. Ниту е капитална инвестиција „пресвлекувањето“ на минатото. Грабање преку градење во име на културата, најблаго речено, е сквернавење на сопствената култура, кажа министерката за култура.

Според неа токму затоа во културата мора внимателно и остроумно да се вложува.

-Да. Има луѓе кои велат : зарем им требаа на легендарните Прличко, Џувалековски, Милчин, Тодорка, на Шишков, на Гешовски, на Сабина…. скапи сценографии и костимографии за бидат врвни. Не. Но, заради нивната големина, и штиците добија живот и сцената заслужи почит.
Им требаа ли капиталните инвестиции за да создадат капитални дела – Климент Охридски, Кирил и Методиј, Партениј Зографски, Миладинови, Прличев, Мисирков, Рацин, Блаже Конески, Славко Јаневски….? Не, но без нив ќе немавме јазик. Дали за македонските градители, црквите и манастирите беа капитални инвестиции ? Не, но за нас се богатство кое мора да се сочува. Им требаа ли капитални зданија на вонвременските македонски иконописци и фрескосликари, на маестралните Мартоноски, Личеноски, Кондовски, Куновски, Мазев, Пенушлиски, Корубин, Чемерски…? Не, но нивните дела заслужуваат достојна виделина, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа додаде дека за власта капитална инвестиција во културата е да се гради со љубов простор во кој ќе живее „нашето вчера, нашето денес, нашето утре…за навек“.

-Да ги заштитиме од времето и од невремето темелите на зданијата кои сведочат за нашиот идентитет, за нашата посебна историја. Да ги сочуваме децениските трезори на нашата култура, да ги чуваме спомениците од НОБ како паметник и како потсетник. А ги имаме, и како наследство и како потпора, заклучи министерката.