Она што предизвика војната во Украина е криза со енергенси, односно гас и електрична енергија, како и криза со храна, особено жито и житни производи, рече заменикот министер за финансии Филип Николоски, во емисијата „Детектор“.
-Како Влада веднаш, првите десетина дена откако започна војната, свикавме Економско-социјален совет и меѓу првите во Европа, несомнено први на Балканот, подготвивме прв пакет на антикризни мерки, вреден над 400 милиони евра. Тие мерки беа насочени да се ублажи првиот удар – инфлацијата и пораст на цени, рече Николоски.
Тој додаде дека уште веднаш данокот за додадена вредност на храната бил сведен на 0 проценти, а на енергенсите ДДВ-то било намалено од 18 на 10 проценти.
-Веднаш спроведовме и мерка за финансиска поддршка на сите пензионери, за да се ублажи првиот удар од почетокот на војната во Украина и затоа во првите 5-6 месеци инфлацијата е со едноцифрен број, кажа Николоски.
-Во септември донесовме и 360 милиони евра антикризен пакет, а Светска банка тоа го нотираше како најдобар пакет од земјите од регионот. Тие беа таргетиран за кои најмногу им требаше, на социјалните случаи. Тие мерки се уште траат, околу 155 илјади пензионери добиваат финансиска поддршка месечно, кажа Николоски.
Заменикот министер додаде дека се продолжи со мерката со ДДВ-то за електрична енергија за домаќинства, односно да остане пет проценти.
-Сметките за јануари ќе бидат исти или намалени, особено кај оние кои се во првиот блок, рече Николоски.