25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Национален електронски идентитет- граѓаните со личната карта ќе вршат електронска идентификација и електронско потпишување

Електронскиот пристап, е-процедурите и е-бизнисот наскоро може значително да се поедностават и во Македонија. Имено, Владата на вчерашната седница ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за внатрешни работи, за потребата од изработување План за воспоставување Национален електронски идентитет за секој граѓанин и го разгледа и прифати Планот, заедно со План за реализација.

Целта е доделување електронски идентитет на граѓаните на Република Северна Македонија, што, според посочувањето од Министерството за внатрешни работи, треба да е носечки столб за дигиталната трансформација на општеството, со тоа што ќе овозможува унифициран пристап за користење на електронските услуги и размената на податоци, како во државата така и надвор од неа (земјите од Западен Балкан и Европската Унија).

Според Уредбата (ЕУ) бр. 910/2014 на Европскиот парламент и на Советот од 23 јули 2014 година за електронска идентификација и доверливи услуги за електронски трансакции на внатрешниот пазар и за укинување на Директивата 1999/93/EC (eIDAS) предвидена е национална правна регулатива за областа на доверливи услуги, каде што уредбата eIDAS (Услуги за електронска идентификација и доверба- која се однесува на низа услуги кои вклучуваат проверка на идентитетот на поединци и бизниси преку интернет и проверка на автентичноста на електронските документи) дозволува или овозможува национални процедури и регулативи.

Довербата во електронските трансакции е клучна за успешна имплементација на електронскиот бизнис, особено прекуграничниот. На 1 јули 2016 година, во сите земји на Европската Унија стапи на сила уредбата eIDAS, која е една од клучните мерки на Европската дигитална агенда, чија цел е да се зајакне довербата во електронските трансакции помеѓу компаниите, граѓаните и јавната администрација на национално и низ внатрешниот пазар на ЕУ и да ги отстранат клучните пречки за нивната прекугранична употреба.

Регулативата eIDAS ја обединува правната основа за употреба на електронски потписи на електронски документи во сите земји-членки на ЕУ и опфаќа два дела: електронска идентификација, каде што уредбата не ги попречува системите за управување со електронски идентитет и поврзаните инфраструктури на земјите-членки, туку само ги поставува условите под кои земјите-членки ги препознаваат средствата за електронска идентификација на физичките и правните лица кои се вклучени во нотифицираната шема за електронска идентификација на друга земја-членка, како и доверителските услуги, каде што уредбата во целост ја регулира областа.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека Националната електронска идентификација (МКеИД) треба да се користи во сите деловни процеси и трансакции кои користат електронски услуги без разлика дали тие се услуги од јавниот сектор, приватниот сектор, интеракции помеѓу поединци или претставуваат склучување договор/и помеѓу неколку физички лица.

-За широко прифаќање и употреба на МКеИД платформата, истата треба да биде едноставна за употреба: целосно прифатена од сите граѓани и во сите јавни и приватни институции; да овозможува користење на услуги од јавниот и приватниот сектор; да се користи во внатрешните процеси во јавниот сектор како и за размена и пренос на информации помеѓу органите на јавниот сектор; да овозможува две основни функционалности: електронска идентификација и електронски потпис, со можност понатаму да бидат проширени; електронска идентификација со МКеИД да биде на високо ниво на сигурност согласно Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги и МКеИД да биде основа за целокупното електронско управување со идентитетот на граѓанинот, велат од МВР.

МкеИД треба да овозможува четири функционалности:

Електронска автентикација (задолжителна)

-Автентикација е електронски процес кој овозможува електронска идентификација на физичкото лице, или кој овозможува потврдување на потеклото и интегритетот на податоците во електронска форма. Функционалноста за електронската автентикација треба лесно да се интегрира во сите деловни процеси, каде се бара идентификација на физичко лице.

Креирање на електронски потпис (задолжителна)

Употребата на напреден електронски потпис (AdES) или квалификуван електронски потпис (QES) утврдени со EIDAS Регулативата. Квалификуваниот електронски потпис има иста правна и доказна сила како и своерачниот потпис. Функционалноста за електронско потпишување треба да се интегрира во сите деловни процеси каде што од лицето се бара потпис за да се потврди неговата/нејзината волја или согласност.

Верификација на електронски потпис (опционална)

Валидација е постапка за проверка и потврдување дека електронскиот потпис е валиден, дека документот е создаден од познат испраќач и дека истиот не бил изменет во пренос. Валидацијата на електронски потпис е интегрален дел од процесот на управување со дигитални потписи.

Криптирање/декриптирање на податоци (опционална)

-Во зависност од избраниот концепт, МКеИД може да овозможи и функционалност за криптирање и декриптирање на документи. За криптирање може да се користи посебен пар клучеви, но за да се намали бројот на ПИН-кодови кои што треба да ги запамети граѓанинот, може да се користи истиот пар клучеви како за идентификација. Од безбедносна гледна точка, нема разлика во нивото на криптографска заштита, велат од МВР.

Според искуствата од другите држави Националниот личниот електронски идентитет ќе може да се евидентира и на биометриските лични карти, конкретно кај нас Планот за воспоставување на Национална електронска идентификација за сите граѓани на лична карта е по примерот на Република Србија и Република Црна Гора.

-Планот за основна имплементација на националниот електронски идентитет за секој граѓанин ќе се заснова на надградба на документот за лична идентификација (личната карта) со функционалности кои ќе овозможат електронска идентификација и електронско потпишување, а како опционална придружна имплементација може да се има во предвид и воведување на мобилна апликација со истите функционалности. Воведувањето и имплементацијата на оваа платформа треба да се гледа како една севкупна општествена корист здобиена од зголемување на ефикасноста на процесите во државата, а не како самостоен профитабилен деловен проект, велат од МВР.

Во пракса, тоа би значело дека корисникот ќе може да се идентификува со дигиталниот сертификат на личната карта кога користи јавни услуги на други земји-членки и на тој начин валидно да потпише правно обврзувачки документ онлајн.

Треба да се напомене дека уредбата eIDAS пропишува меѓусебно признавање на идентитети само за субјектите од јавното право, додека меѓусебното признавање на идентитети не е обврзувачко за економските субјекти.

Извор: 24info.mk