23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Доделени решенија на 34 општини за изградба на пристапни патишта до земјоделско земјиште

Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство им беа доделени решенија за изградба на инфраструктура за пристап до земјоделско земјиште на 34 општини од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година. Решенијата им беа врачени на претставниците на општините од страна на министерот Љупчо Николовски, државниот секретар Реџаил Исмаили, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, и заменик-директорот Ремзи Абдулахи.

Мерката 124 од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година е наменета за општините на целата територија на државата, што придонесува за рамномерен регионален развој. Финансиската поддршка е во висина од 100 % од вредноста на одобрените прифатливи трошоци на инвестицијата, а се исплаќа по целосното завршување на инвестицијата од страна на корисникот. Максималната вредност на прифатливи трошоци од корисник изнесува 1 милион денари.

Со финансиска поддршка од Министерството, преку оваа програма, 34 општини ќе инвестираат во инфраструктурни проекти за пробивање и тампонирање локални пристапни патишта, во вкупна должина од речиси 19.000 метри, со кои на земјоделците ќе им се овозможи полесен пристап до нивните ниви, односно до обработливо земјоделско земјиште.

„Вкупната вредност на одобрените договори е 33 милиони денари, што претставува зголемување повеќе од двојно во споредба со последниот повик во 2018 година кога беа доделени решенија на 20 општини со вкупна вредност од 16,3 милиони денари. Дополнително, преку Програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за капитални субвенции за поддршка на центрите за развој на плански региони последниве пет години инвестирани се вкупно 77 милиони денари за изградба на 78 локални патишта во целата држава. Или вкупно преку двете програми досега се инвестирани 126,3 милиони денари за изградба на вкупно 132 локални патишта за пристап до земјоделски површини. И така треба да биде и во иднина. Наша обврска е да создаваме услови за работа да може земјоделците полесно да пристапуваат до нивите и полесно да ги извршуваат секојдневните активности на производствените процеси“, изјави министерот Николовски.

На настанот министерот Николовски ги потсети претставниците на општините дека Министерството преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој ги поддржува општините и со други мерки, кои го подобруваат животот во руралните средини преку мерките 321, 322 и 323.

Преку мерката 321 – „Подобрување на квалитетот на животот во руралните средини“ – им даваме поддршка на општините за изградба на локална инфраструктура, патишта, мостови, преку кои се поврзуваат две или повеќе населени места во руралните средини во должина до 5 километри. Инвестиции во изградба на локална инфраструктура за поврзување села со регионален пат во должина до 7 километри. Поддршка за изградба на водоводни и канализациони системи во селата до 1.500 жители, изградба на телекомуникациска инфраструктура, пазари, како и објекти за детски, младински или пензионерски културни центри или клубови во населени руралните средини.

Мерката 322 – „Обнова и развој на селата“ – им дава поддршка на општините при изработка на урбанистичка документација за руралните средини. Потоа инвестиции во изградба или реконструкција на плоштади, шеталишта, зелени јавни површини во рурални средини до 30.000 жители и инвестиции за изградба или реконструкција на селски улици.

Со мерката 323 – „Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја“ – ги поддржуваме општините во инвестиции за изградба на локална инфраструктура за поврзување на населените места од руралните подрачја со локалитети од особено значење за жителите во должина од 2 километра. Даваме поддршка во зачувувањето на културните и природни знаменитости, со цел поддршка на руралниот туризам и одбележување и унапредување на планинарски и велосипедски патеки.

Владата на Република Северна Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Платежната агенција и во соработка со општините креира сериозни и конкретни мерки, со кои се подобрува животот во руралните средини, преку подобрување на благосостојбата на регионите, намалување на регионалните нерамномерности и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните преку остварување рамномерен и одржлив развој на целата територија на државата.

Министерот Николовски им се заблагодари на општинските претставници за интересот да креираат локални проекти со наша поддршка потенцирајќи дека денешниот настан е потврда за тоа како треба да соработуваат централната и локалната власт во интерес на граѓаните.