Денес, македонскиот јазик е официјализиран како во Обединетите Нации, така и во Европската Унија, истакна премиерот Димитар Ковачевски при завршувањето на капиталниот проект – Дигитализација на картотеката на македонски зборови во Институтот за македонски јазик.
-Посебно сум горд што Советот на Европската Унија ја усвои одлуката за потпишување на Договорот за гранично управување меѓу ЕУ и Република Северна Македонија, на чист македонски јазик, без какви било додавки. Денес, јасно и гласно, во официјални изјави, прецизно се употребува терминот „македонски јазик“ којшто е рамноправно застапен, заедно со сите други европски јазици во Европската Унија, за што прв доказ е договорот ФРОНТЕКС. Почетокот на преговорите со ЕУ и со тоа преводот на целокупното европско законодавство на македонски јазик е конкретното признание на македонскиот јазик што го очекувавме – и осигуравме, кажа Ковачевски.
Тој додаде дека носејќи државнички одлуки е обезбедено и европското и светското признание на македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
-Грижата на Владата и на институциите кон македонскиот јазик и неговото негување се гледа и во постојано инвестирање во соодветни научни кадри кои се занимаваат со оваа дејност. Минатата година Институтот за македонски јазик го зајакнавме со давање на вкупно 17 согласности за нови вработувања. Лицата кои се вработени се асистенти и доктори на науки кои со своето знаење и стручност ќе придонесат за развој на овој Институт, а со тоа и да се развива и збогатува македонскиот јазик. Само за споредба ќе ви дадам еден податок, минатата година вработивме 17 нови асистенти, доктори на науки во институтот. Во изминатите 24 години, во институтот имаше само 1 вработување, рече Ковачевски.