Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
CentarМакедонија

Груевски почнува кампања за враќање на политичката сцена

Окуражен од пораснатиот рејтинг на ИРИ, Никола Груевски се охрабри да се впушти во кампања за враќање на политичката сцена пишува frontline.mk. Затоа и го притиска Христијан Мицковски со сите сили да запне во напорите за одржување предвремени парламентарни избори по што, според партиските математики, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и на тој начин ќе му овозможи на Груевски да се врати во земјата. Откако тоа ќе се случи, Мицковски кој беше поставен да му го грее местото на Груевски, тивко ќе се повлече и ќе му ја отстапи лидерската позиција на бегалецот од Будимпешта.

Затоа Мицковски ништо друго и не прави освен што непрекинато збори за избори. За него во овој момент не е важна европската перспективата на земјата и на граѓаните, ниту економското закрепнување од енергетската криза, бенефициите на земјоделците, на социјалните случаи, на пензионерите. Со тоа, според замислениот план, ќе се занимава поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој ете со последниот пост на Фејсбук не потсети на неговите „успеси“ во водењето на државата.

Одговорот на постот на Зоран Заев, всушност беше замислена ТВ дебата, со што Груевски директно му ги спротивстави своите политики од минатото на политиките на Заев, кого очигледно сè уште го смета за свој политички опонент. Тој застанат во времето ги игнорира и Ковачевски и Мицковски како главни и актуелни актери на македонската политичка сцена.

Во надојдената буица на емоции, Груевски очигледно не гледа дека времето се сменило откако го нема во татковината. Тој сеуште живее во „своето“ време, со истите економски и политички перформанси поради кои и беше симнат од власт од граѓаните. Заев беше само нивна артикулација со која го збриша општествениот мрак кој Груевски десет години го создаваше и одржуваше, а кој со сила ни го прикажуваше како зора на економски процут и благосостојба, анализира Фронтлајн.