25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Маричиќ: Паднаа лагите на опозицијата за францускиот предлог, граѓаните се определени за ЕУ

Според вицепремиерот за европски прашања манипулациите, лагите и силната пропаганда изминатово лето од страна на опозицијата дека има некаква скриена агенда за францускиот предлог, кој беше поддржан од цела Европска Унија, влијаеле врз мислењето на граѓаните во однос на евроинтеграцијата. Тој во интервју за „Капитал“ вели дека она што е најважно е дека во сите анкети сè уште е висок процентот на поддршка за членството во Унијата.

-Лагите дека предлогот го брише јазикот, го брише идентитетот, решава историски прашања придонесоа граѓаните да се сомневаат во францускиот предлог. Тоа сето беше попратено и со силната реторика на бугарските националистички политичари, како и со отворањето на бугарски клубови, со имиња на контроверзни историски имиња, кои имаа цел да предизвикаат немир и нетрпение кај граѓаните и да ги нарушат односите на кои интензивно работиме и се обидуваме да ги подобриме. Но, видовме со следните случувања, после неговото усвојување во Собранието, дека тоа не е така. И со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС на чист македонски јазик, но и со целото однесување на Европската Унија, каде слободно можам да речам дека сме во фокусот на внимание, истакна Маричиќ.

Тој додаде дека поддршката за ЕУ не е виртуелна, а граѓаните многу добро знаат зошто Северна Македонија треба да чекори на европскиот пат.

-Знаеме за придобивките што носи членството, трансформацијата на општеството, европски стандарди, неповратни средства од европските фондови. Другата страна или некоја друга алтернатива нема ниту понуда, ниту реформи, ниту финансиска поддршка, туку само несигурност, неизвесност и конфликт, смета Маричиќ.