Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
CentarМакедонијаВо тренд...

Ковачевски: Уцени не прифаќам, членството во ЕУ е прашање од врвен државен интерес

Одговор на новинарско прашање на премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски

Интегрален текст:

Јас потврдив досега, барем вие знаете, дека под уцени не функционирам, ниту под притисоци. Тоа беше така од првиот ден така е и денеска. Изборите ќе бидат во 2024 година и тоа е веќе апсолвирано прашање. Прашањето за уставните измени е сериозно, државничко прашање затоа што значи заокружување на процесот за отворање на кластерите во започнатиот процес за преговори со ЕУ.
Ние започнавме преговори со ЕУ, во тек е скрининг процесот и сега се зависи од нас. Затоа ова прашање е за принципи, дали некој го поддржува или не го поддржува европскиот пат на земјата. Условувања за вакво прашање се неприфатливи.
Наместо тоа јас повикувам, повикувам и понатаму ќе повикувам на широк општествен и политички консензус за европскиот пат на државата. И уште нешто. Ова не е последната одлука до зачленување на Северна Македонија во ЕУ. Се уште ќе има тешки одлуки на тој пат. Следуваат реформи. Тие реформи ги поминале сите членки на унијата се до нивното полноправно членство. Тоа е процес којшто ќе трае до 2030 година, според она што ние сме го зацртале како цел. Во тој процес ќе има учесници кои во моментов учествуваат, и на ниво на експерти и на ниво на политичка одлука, и на членови на Парламент, кои нема да бидат истите до крајот. Ние во 2024 година ќе имаме парламентарни избори. Нема 120 пратеници да бидат исти во Парламентот ниту пак членовите на Влада по име и презиме ќе бидат исти до 2023 година. Меѓутоа, сите треба да работат за остварување на целта, полноправно членство во ЕУ. Тоа е неповратен процес. Тој процес отпочна и од него враќање назад нема.
Единствено може да го кочат оние кои се противат на членството во ЕУ. Таква партија има. Тоа е партијата Левица. Таа партија веќе има земено друга партија во свое заложништво, тоа е партијата ВМРО-ДПМНЕ. Не сакам да верувам дека господинот Касами исто така се има ставено во позиција да биде заложник на партијата Левица. Повторувам уште еднаш, ќе има голем број на одлуки кои што ќе треба да се носат во Собранието, не е ова последната одлука. Условувања на тие важни одлуки за иднината на оваа и на идните генерации, да живеат во ЕУ, да живеат во заедница на држави каде што има економски просперитет, социјална правда и врвна демократија, тоа е кочење на иднината на државата. Замислете кога ќе дојде следна одлука за усвојување, после тие уставни измени. И да излезе некоја политичка партија и да каже ние оваа одлука ќе ја поддржиме само ако има предвремени избори во Тетово. Дали тоа ви личи логично? Па потоа да се јави друга политичка партија и да рече гледајте ние оваа одлука ќе ја поддржиме ако има предвремени избори во Аеродром. Процеси кои што се од стратешко значење не можат да бидат предмет на уценувања. Тие се за идните генерации, тие се за граѓаните. Тоа секој треба да го има на ум.
Затоа јас често велам, бидејќи вие го поставувате често прашањето дали Владата има 80 пратеници за уставни измени, на Владата и треба 61 пратеник за да биде Влада, на граѓаните им треба двотретинско мнозинство за уставни измени за да продолжи патот. Ама натаму уште одлуки ќе има. Тие одлуки ќе се однесуваат на скрининг процесот, ќе покаже што треба да реформираме во нашето општество. Секоја пора, секој детал, секој сегмент на општеството е предмет на скрининг процесот којшто е билатерален. Врз основа на него ќе имаме извештај. Кога се презентираше Извештајот на ЕУ за 2022 година еден од моите коментари беше дека јас го очекувам извештајот од скринингот во 2023 година. Таму ние точно ќе видиме до каде ни се институциите, до каде ни е законодавството и до каде ни е спроведувањето на законодавството во државата. Тоа ќе биде стартната позиција од која ќе треба да ги правиме клучните реформи во државата кои се уште не се направени. Нема уценување за такви процеси. Се друго може да биде предмет на политичка борба, на политички натпревар. Меѓутоа вакви клучни прашања да бидат предмет на дневна политика, на борба за некакви ситни поени, тоа не е фер кон граѓаните, не спрема Владата. Бидејќи оваа влада покажа дека во услови на најголема економска и енергетска криза може да функционира и да носи мерки со коишто работи за задржување на стандардот на граѓаните и ликвидноста на стопанството. Тоа е мојот одговор.