Денеска се одбележува Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9-ти декември.
Премиерот Димитар Ковачевски испрати јасна порака дека Владата има политичка волја да обезбеди почитување на правото и одговорно справување со криминалот и корупцијата преку унапредување и почитување на воспоставените механизми како што се независен буџет, изработка на законски решенија усогласени со ЕУ и неселективна борба против корупцијата.
За разлика од него, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски наведе дека тоа е една од причините зошто се потребни предвремени парламентарни избори.
Колку сепк земјава се промени во изминативе години откако СДСМ ја презеде власта од ВМРО-ДПМНЕ?
За тоа дали нешто се промени во борбата против корупцијата, „Локално“ поразговара со дел од аналитичарите, пред се, од граѓанските организации за борба против корупцијата.
Според нив, она што се разликува е дека се зголеми ефикасноста во смисла на процесуирање на судски предмети во однос на претходно, меѓутоа сепак во смисла на крајни и завршни пресуди и ефективни затворски казни, не можеме да видиме голема разлика, вели политичкиот аналитичар и претседател на Институтот за демократија „Социетас Цивилис Скопје“ (ИДСЦС), Марко Трошановски.
Тој оценува дека се гледа истата пракса во одолговлекување на предмети, застарување на истите, поголем фокус на функционери од опозицијата во судските процеси итн.
-Иста карактеристика и на денешната влада за време на нејзиниот мандат како и претходната, истакнува Трошановски.
Аналитичарот смета дека Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) е еден од светлите примери во реформите кои што ги направи земјата, особено начинот на кој што истата беше создадена.
-Модел на изборот на Комисијата гарантираше дека изборот е јавен, дека повеќе страни се вклучени во изборот на нејзините членови, резултираше со Комисија која многу подалеку поактивно е посветена на борбата против корупцијата од претходно гарнитура, преку процесуирање на повеќе предмети до Обвинителството и МВР. Разликата е тоа што во овие 5 години што оваа Комисија беше систематски оставена без доволно ресурси во поглед на кадар, истражувачи, простор, технички условии итн. Со тоа не можеше да си ја заврши својата работа со својот најголем капацитет. Ден денеска само половина од човечкиот персонал е пополнет, порачува Трошановски.
Тој посочува дека комисијата работи колку што може добро, во склад со можностите.
-Важно е што со својата активност го префрли фокусот кон оние институции кои треба да ја продолжат и ефектуираат борбата против корупцијата, а пред се Обвинителството и судовите, дециден е Трошановски.
За американскиот тим на санкции што треба да истражува корупција во земјава, соговорникот вели дека рано е да се каже.
-Не знаеме во кој мандат со какви капацитети доаѓа. Предметите кои што се тековни се во надлежност на Јавното обвинителство и тимот евентуално може да придонесе со дополнителни информации и пристап до бази на податоци кои што би ги збогатиле доказите против некакви корупциски активности. На крај, одговорност е повторно кај нашите институции. Рано е и не треба да се креираат превисоки очекувања од овој тим. Што се однесува до црната листа, видовме дека нема голем ефект. Имаме и сега личности кои се на неа, меѓутоа некакви последици по нив нема. Треба многу повеќе од тоа отколку ставање на црна листа, ако сакаме нешто да се промени, заклучува Трошановски, велејќи дека наметнување на санкции и замрзнување на имот на такви лица треба да биде поактивно и поупотребувано и да ги обесхрабри оние луѓе кои што се огрешиле.
Основачот и претседателка на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска за „Локално“ вели дека очигледен некаков напор се направило за да се справува со корупцијата во однос на двете влади тогаш и денес, меѓутоа и таа се сложува дека тоа не е доволно.
-Споредбата со претходната власт е неупатна заради тоа што во тоа време немаше ниту еден предмет, а во ова има време има некакви предмети, меѓутоа незавршени и се уште не може да се зборува за вистински ефект од борбата против корупцијата, посочува Николовска.
За Антикорупциската комисија има пофални зборови.
-ДКСК е нова институција со оглед дека постоеше нов начин на избор и нова надлежност. По она што јас сум видела, активни се работат, произведуваат резултати, транспаретни се и ги кажуваат резултатите, но повторно доаѓаме тоа што не е доволно заради што немаме повратно дејство од тоа што го пријавила и немаме резултат од евентуалните постапки во обвинителство, да не зборувам за суд, потенцира Николовска.
Соговорничката ја коментираше и најавата за доаѓањето на американскиот тим за санкции и истрага на корупција. Таа порачува дека има нови лица од земјава кои ќе се најдат на американската црна листа.
-Сигурно дека ќе има нови имиња на црната листа на САД со луѓе од Македонија. Од друга страна, информациите с емногу оскудни. Вчера имавме дека дојдени се на барање на државата и тоа може да се толкува на два начини – неможност да се справат со корупцијата или помош во справување со корупцијата. Повеќе сакам да размислувам дека ова е помош и дека со заеднички сили ќе се успее барем да се детектираат коруптивните лица и ја вршат таа корупција, туку во исто време да се детектираат многу повеќе состојбите и за нивно разрешување да се најде начин, а не тоа да оди преку коруптивни зделки, децидна е Николовска.
Н.П.
извор: Локално.мк