Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+Спорт

Срби направија хаос во Австрија – Плукаа, тепаа, гаѓаа…

Група од околу 70 српски хулигани предизвика инциденти на ракометниот натпревар од Европскиот куп во Кремс, Австрија, меѓу домаќинот УХК Кремс и Војводина.

Како што пренесуваат австриските медиуми, поради конфликтот меѓу српските навивачи и полицијата, саботниот натпревар бил привремено прекинат, додека обезбедувањето не успеало да ги избрка гостинските навивачи од салата.

Српските хулигани биле облечени во црно и, како што пишуваат австриските медиуми, најпрвин почнале да плукаат по двајцата австриски играчи, кои стоеле во близина.

Ситуацијата ескалирала кога почнале да фрлаат со предмети кон домашните навивачи.

Полицијата го спречила конфликтот меѓу двата навивачки табора, а кога поставиле кордон, хулиганите им ставиле качулки и шалови на главите и почнале да ги напаѓаат редарите.

Харалд Меркл, кој беше назначен да се грижи за гостинските навивачи, бил погоден неколку пати додека се обидувал да ја смири ситуацијата, пишува весникот „НОеН“. Најлошо доживеа функционерот на домаќинот Томас Мајер, кој од ударите доби расекотина и модринка на окото.

По десет минути пауза поради инцидент на трибините. гостинските навивачи беа повикани да ја напуштат салата со закана дека натпреварот ќе биде решен со пенал со 12:0 за домашната екипа.

На тоа фудбалерите на Војводина се обидоа да ги смират своите навивачи, кои заедно со полициски кордон ја напуштија салата.

По завршувањето на натпреварот, полицијата со голем број свои припадници, како и специјалните единици успеа да ги држи под контрола хулиганите во центарот на градот. Од клубот од Кремс најавија дека детален извештај за инцидентите ќе достават до Европската ракометна федерација (ЕХФ), а најавуваат дека добро ќе размислат дали ќе отпатуваат за Нови Сад на реваншот.

„Доколку Србите не достават јасен безбедносен концепт за тој натпревар, ние нема да патуваме. Не сакам да ги загрозувам моите играчи и тренери“, изјави претседателот на УХК Кремс, Александар Хофман.

Тренерот на УХК Кремс, Ибиш Тачи, за медиумите изјави дека Војводина не може да тврди дека е изненадена од однесувањето на своите навивачи. Тој тврди дека целиот инцидент бил испланиран, и дека клубот треба да се огради од таква средина.

Тачи го критикуваше фактот што српските хулигани носеа знаме со контура на Косово и порака „Не се предава“ на натпреварот. Тој вели дека тоа било јасно насочено против него поради неговото потекло.

Тие луѓе детално го анализираа нашиот состав на играчи и официјални лица“, убеден е Тачи.

Новинарот „НОеН“ тврди дека шефот на делегацијата на Војводина му кажал дека меѓу навивачите се вмешани хулигани со српско потекло од Виена, а тоа е поврзано со дивеењето на група српски хулигани по улиците на главниот град на Австрија. по испаѓањето на српската репрезентација на Светското првенство во Катар.

Од УХК Кремс велат дека во 69-годишната историја на клубот немало таков инцидент. Натпреварот заврши со победа на Војводина со 29:27 (14:16), која треба да биде домаќин на реваншот в сабота.