Прилеп испишува нова спортска приказна по целосната реконструкција на спортската сала „Македонија“ која со децении беше запуштена. Со планираните инвестиции градот ќе добие обновен спортски објект наменет за тренинзи, натпревари и рекреација. Проектот на Министерството за спорт е предвиден во рамките на Програмата за изградба, реконструкција и санација на спортски објекти за 2026 година, а вредноста на инвестицијата изнесува 180 милиони денари со вклучен ДДВ.
Салата, лоцирана на улицата „Цане Кузмановски“, е изградена во 1978 година. Во 1993 година била зафатена од пожар, по што неколку години подоцна била обновена и реконструирана. Денес, објектот е во незадоволителна состојба и не се користи целосно за намената за која е изграден. Токму затоа, предвидената реконструкција треба да овозможи повторно ставање во функција на овој спортски простор и создавање подобри услови за спортистите, младите и сите љубители на спортот.
Со реконструкцијата, „Македонија“ ќе добие услови за одржување спортски и рекреативни активности во повеќе дисциплини, меѓу кои ракомет, куглање, одбојка, кик-бокс, борење и мал фудбал. Според проектната документација, просторот за игра е димензиониран според ракометно игралиште со должина од 40 метри и ширина од 20,33 метри, додека висината до највисоката точка изнесува 13,90 метри.
Една од значајните компоненти на проектот е и уредувањето на просторот за публика. По реконструкцијата, салата ќе располага со 1.959 седишта, распоредени во 15 реда од двете страни на теренот. Предвидени се посебни влезови за публиката, професионалните спортисти и корисниците на рекреативните содржини, како и соодветни пристапи за лицата со попреченост.
Зафатите нема да се ограничат само на архитектонското обновување на објектот. Проектот предвидува интервенции и во електричните инсталации, водоводот и канализацијата, како и во термотехничките системи. За реконструкцијата и санацијата веќе е изработена техничка документација за основен проект, со намена Б6 спорт и рекреација.
Финансиската конструкција предвидува средствата да се реализираат во три фази. Во 2026 година се планирани два милиона денари, во 2027 година 89 милиони денари, а во 2028 година дополнителни 89 милиони денари. Со тоа, проектот опфаќа повеќегодишна инвестиција насочена кон целосно обновување на спортскиот објект.
Реконструкцијата на салата „Македонија“ е значајна и од аспект на создавањето услови за развој на младите спортски таленти. Современ и соодветно опремен простор може да обезбеди подобри можности за редовни тренинзи, спортски натпревари и рекреативни активности, а со тоа и за поголема вклученост на младите во спортот.
Владата планира инвестициите да ги продолжуваат и низ другите општини.
Реконструкцијата на спортската сала во Прилеп е дел од пошироките вложувања во спортската инфраструктура и училишните спортски сали низ државата. Според податоците на Владата од средината на 2026 година, инвестициите во спортот надминале 21 милион евра во период од две години.
Паралелно се работи на изградба и реконструкција на спортски сали во повеќе општини и институции, меѓу кои Општина Аеродром, Крушево и Воената академија во Скопје. Предвидена е и реконструкција на 30 училишни спортски сали со европска поддршка, меѓу кои салите во ООУ „Никола Карев“ и ООУ „Толи Зордуми“.
Во образовната инфраструктура се издвојуваат и конкретни проекти. Завршена е новата училишна спортска сала во ООУ „Зини Хани“ во Велешта, Општина Струга, со вредност од 36.088.088 денари. За спортската сала во ОУ „Григор Прличев“, пак, инвестицијата за првата фаза изнесува 39 милиони денари.
Дополнително, Министерството за образование на почетокот на годината најави изградба и проектирање на 60 спортски сали, во рамките на поширок план од вкупно 160 инвестиции во образованието.
Овие проекти ја опфаќаат спортската инфраструктура во различни средини од големи спортски објекти до училишни сали. Реконструкцијата на „Македонија“ во Прилеп, заедно со останатите вложувања, треба да придонесе за подобрување на условите за спортување, тренинг и рекреација низ државата.
ФОТО Фејсбук профил на Борко Ристовски, Министер за Спорт


