22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

На сила стапија ограничувањето на руската цена на нафтата и забраната за увоз во Европската унија

Ограничувањето на цената на руската нафта од 60 долари за барел договорено од ЕУ, Г7 и Австралија стапи денеска во сила, како и ембаргото за увоз на руска нафта во ЕУ, со неколку исклучоци.

Одлуката за ограничување на цената на руската нафта на 60 долари за барел овозможува таа да се продава на трети земји користејќи танкери Г7 и ЕУ, нивните осигурителни компании и кредитни институции, но само ако нафтата се продава под 60 долари.

Александар Новак, потпретседателот на руската влада задолжен за енергетика, рече дека тие „работат на механизми за забрана на употребата на инструментот за ограничување на цените, без оглед на нивото на кое е поставено, бидејќи таквото мешање може дополнително да ја дестабилизира пазар“.

Украина, пак, повика на цена од 30 долари за барел. Но, Западот стравува дека премногу ниската цена може да резултира со тоа Русија да ја повлече суровата нафта од пазарот, што би довело до голем скок на цените.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во саботата дека ограничувањето на цената на руската нафта на 60 долари не е сериозно и тешко дека ќе ја одврати Русија од војната во Украина.

Андриј Јермак, шеф на администрацијата на Зеленски, претходно рече дека границата треба да биде поставена на 30 долари „за побрзо да се уништи непријателската економија“.

Зеленски се пожали дека светот покажал слабост поставувајќи ја границата на 60 долари, што според него ќе го зголеми буџетот на Русија за 100 милијарди долари годишно. „Овие пари ќе одат за дестабилизација на токму оние земји кои во моментов се обидуваат да избегнат сериозни одлуки“, рече тој.

Ограничувањето ќе го разгледуваат ЕУ и Г7 на секои два месеци.

Ембаргото на ЕУ за увоз на руска нафта беше договорено во јули како дел од пакетот санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Исклучоците се однесуваат на Унгарија, Словачка и Чешка, три земји-членки на ЕУ кои се особено зависни од руската нафта поради нивната географска локација и неможноста да го заменат тој увоз за кратко време.