23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Во услови на криза носители на економскиот раст ќе бидат капиталните инвестиции

„Стабилниот економски раст следната година ќе се обезбеди преку одржување на макроекономската стабилност и понатамошна фискална консолидација како и преку капиталните инвестиции. Во услови на криза носители на економскиот раст ќе бидат капиталните инвестиции кои на среден рок треба да обезбедат позитивни ефекти и реално приближување кон европските економии“ изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција на која што го презентираше буџетот.

Тој кажа дека овој буџет е позициониран како развоен, со тоа што за 2023 година се проектирани 52,3 отсто повеќе капитални расходи во однос на 2022.

„Во 2023 продолжуваме со инфраструктурни проекти кои ќе нѐ поврзат и внатре во земјата, и со регионот но и со Европа и ќе обезбедат побрз економски раст и развој генерално, но и подобри услови за развој на компанииите и бизнисот. Продолжуваме со изградба на Железничкиот Коридор 8, изградба на клучни автопатски делници, рехабилитација на локалните улици, изградба на социјални станови, продолжуваме со проектот за гасификација на државата“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека продолжуваат и капиталните инвестиции во земјоделството со кои ќе се обезбеди зголемено домашно производство на храна, поддршка на земјоделците и поддрка за модернизација на земјоделството.

„Буџетот предвидува продолжување на имплементацијата на интензивниот инвестициски циклус во енергетскиот сектор кој треба да обезбеди зголемување на вкупниот енергетски потенцијал. Особено внимание се посветува на транзицијата кон обновливи извори на енергија како и на енергетската безбедност и енергетската ефикасност на земјата“ рече Ковачевски.