Претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер денеска во Старата чаршија во Скопје остварија средба со Алумни членови на Претседателскиот центар за политичко образование и стипендисти на партнерските организации на центарот, на која се дискутираше за перспективите на младите во Северна Македонија и за процесот на европска интеграција на регионот.
Претседателите Пендаровски и Штајнмајер со младите разменија мислења за актуелните прашања во Европа и регионот, за европските перспективи на земјите од Западен Балкан, евроинтеграциите на Северна Македонија, предизвиците на младите, растечкиот евроскептицизам и принципот на консензус во однос на проширувањето на ЕУ, справувањето со одливот на мозоци, обезбедувањето на перспективи за младите.
Претседателот Штајнмајер ги поздрави активностите на Претседателскиот центар за политичко образование и истакна дека му претставува задоволство да ги слушне ставовите на младите од Северна Македонија, нивните размислувања за Европската Унија, како и нивните очекувања од Германија.
Во дискусијата, двајцата претседатели посочија дека една од обврските на политичарите е да овозможат услови и да го поттикнат економски развој на државите, со цел младите да имаат перспективи во нивните земји.
Претседателски центар за политичко образование е формиран со одлука на претседателот Стево Пендаровски во насока на заложбите за јакнење на демократските политички вредности, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништво и солидарност. Во рамки на ПЦПО се одржува Школата за политики, а партнери на проектот се Фондацијата „Фридрих Еберт”, Фондацијата за демократија на Вестминстер, Фондацијата „Конрад Аденауер”, Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ), Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Фондацијата „МК2025”.
Претходно, двајцата претседатели остварија прошетка низ Старата скопска чаршија, како културно-историски дел од градот и симбол на нашето мултиетничко општество.