ЈСП „Скопје“ на 25 октомври годинава склучило договор со македонска компанија за набавка на гориво со фиксна цена од 100 денари за литар плус ДДВ,пишува СДК.мк.
Вкупната сума на договорот кој може да се најде на страната на Бирото за јавни набавки е 2,6 милиони евра, за период од две години. Тоа значи дека колку и да е цената на горивото на пазарот, ЈСП во наредните две години ќе плаќа цена од 100 денари плус 18 отсто ДДВ, односно 118 денари. Денеска, цената на литар еуродизел БС е 86,5 денари, што значи дека јавното сообраќајно претпријатие на Град Скопје плаќа 31,5 денари повеќе за горивото од цената на пазарот, пишува СДК.
На вчерашната седница на Советот на Град Скопје за советнички прашања, советникот од СДСМ Зоран Георгиевски го праша директорот на ЈСП Александар Стојковски зошто новиот договор за набавка на гориво е со фиксна цена од 100 денари плус ДДВ за 2 години.