5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Ние, како генерација, имаме должност да ја заштитиме демократијата

Пишува: БОГДАНКА КУЗЕСКА за Frontline.mk

Кога се сретнале вистината и лагата, лагата ѝ рекла на вистината дека денеска е прекрасен ден, на што вистината се согласила, бидејќи навистина, иако била малку сомничава, погледнала и видела дека денот бил сончев, небото чисто и сино и сè наоколу изгледало спокојно.

По ова сознание, лагата продолжила да зборува, велејќи ѝ на вистината дека водата во реката е многу убава и ја поканила вистината да пливаат заедно. Вистината, повторно со сомнеж, ја допрела водата и се уверила дека е точно тоа што го кажува лагата – водата е чиста, убава, пријатна за пливање. И лагата и вистината, ја соблекле облеката и влегле во реката да пливаат.

Но, наеднаш, лагата излегла од реката, ги украла и на себе ги облекла алиштата на вистината.

Вистината, кога сфатила што се случува, излегла од водата, се обидела да ја стигне лагата и во тој момент, така гола, луѓето ја гледале со презир, по што се сокрила во реката, зашто на себе не сакала да ја носи облеката на лагата, а лагата… лагата продолжила да шета по светот облечена како вистина!

Оваа легенда е јасна потврда за суптилноста, како лажните вести и манипулации се протнуваат и шират во јавноста. Она што прво го прават противниците на демократските процеси, е токму тоа. Прво ја констатираат вистината, го привлекуваат вниманието на публиката со цел да стекнат доверба, а потоа ја продаваат својата „вистина“.

Живееме во време кога лажните вести го поделија светот на две вистини. Не на лага и вистина, туку на две вистини.

Голем дел од примателите на лажните вести не можат да ја препознаат оваа вешта манипулација. Тие веруваат во вистината – онаква каква што им е сервирана од недемократските, автократски сили.

Верувам дека сте го гледале документарниот филм Social Dilemma. Таму видовме експлицитни примери, како човек оди да нападне, со цел да спаси деца од предатори кои наводно се занимаваат со детска порнографија. Човекот тоа го прочитал, поверувал и бил спремен и по цена на својот живот да ги спаси тие деца, што всушност се испостави дека не е вистина. И ова е само еден пример.

И сега, кога вака се поставени нештата, неизбежно е прашањето како да се одбрани демократијата, која е и тоа како нападната.

Демократските општества силно поддржуваат слобода на говор.

Јас сум портпарол на социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Гласноговорник. Тоа е партијата која ја ослободи земјата која беше заробена од поединци, земја која беше раскарана со сите соседи, успеа да сруши режим кој владееше служејќи се со невистини, со лажна и опасна пропаганда која остави сериозни последици. Пропаганда која имаше за цел да го подели народот, да го заплаши, да живее во страв и да верува дека единствените спасители се токму тие кои го создале проблемот.

По доаѓањето на СДСМ на власт, Република Северна Македонија стана земја членка на НАТО, а од неодамна и ги отпочна преговорите за полноправно членство во Европската Унија – во тек е скрининг процесот врз работата на македонските институции.

Сите овие процеси, што нè носеа сè поблиску до НАТО и ЕУ, беа нападнати со лажни вести. Обидите со лаги да се уверат луѓето дека ќе го изгубат идентитетот, дека ќе им исчезне јазикот, беа и сè уште се секојдневни.

Најсвеж пример, кој докажува колку штетни последици имаат лажните вести и манипулации е познатиот француски предлог. Тоа беше еден општ хаос и паника кои се создадоа во јавноста, од струи кои едноставно не сакаат оваа држава да успее, да просперира.

Медиумите пренесуваа непотврдени и неофицијални изјави и написи од бугарските медиуми, а македонската опозиција се служеше со исто толку непотврдени, неофицијални документи со цел да поттикнат сомнеж, но и страв и паника. Целата оваа ситуација, кулминираше со протести на кои за жал се случија и низа инциденти. Се случи пукање од огнено оружје, нападнати и повредени беа десетици полицајци, за момент се чинеше дека се разниша соживотот, дека меѓуетничките односи, на кои низ годините макотрпно работевме, се нарушени.

И зошто? Само затоа што еден политичар, претседател на опозициска партија, кој постојано ги менува своите ставови и е познат по својата неконзистентност и за ова прашање, заедно со уште еден контроверзен политичар, исто така, претседател на партија, кој јавно е против НАТО и европската перспектива, им кажуваа на Македонците дека ќе го изгубат идентитетот и јазикот. Дека, ете, еден ден ќе се разбудат како Бугари. На тие протести кои ги предводеа, јавноста можеше да види и руски знамиња, и фаворизирање на контроверзни политичари.

И во овој исклучително тежок период, ние како партија на власт, партија која ја предводи Владата на Република Северна Македонија, со сета одговорност на себе, потрошивме голема енергија и ресурси да ги увериме граѓаните дека сето тоа не е вистина. Односно, дека е лага, што и се потврди со потпишувањето на Договорот со Фронтекс, потпишан на чист македонски јазик, без никакви додавки, без фусноти.

Но, мора да заклучиме и да ја констатираме реалноста во која се наоѓаме. Секој чекор кој води кон европска перспектива на државата е нападнат од личности кои пред сè имаат сомнителни финансиски извори, од „левичари“ кои, всушност, се радикални десничари, од партии и политичари кои дури и не кријат дека се восхитуваат на тоталитарни режими и лидери, кои и во 21-от век отворија војна на европско тло.

Зошто напоменав дека сум гласноговорник на партија која е на власт? Само затоа што сметам дека тоа е функција која е официјална. За вистината да допре до секого, треба секој што е пријател на демократијата, да биде гласноговорник. Вистината ќе остане скриена во реката, а лагата ќе го обиколува светот преоблечена во вистина сè додека – борбата за вистината да биде чекор пред лагата – е оставена само на политички партии кои се демократски, либерални, прогресивни.

Потребна е заедничка акција, на политички партии, медиуми, невладини организација и брзи и ефикасни факт-чекери (проверувачи на факти).

Како земја членка на НАТО ние сме дел од стратегијата за одбрана од хибридни и сајбер напади. Но она на што сведочиме секојдневно е ширење на невистина, на лаги со светлосна брзина.

Потребна е стратегија која ќе биде изградена врз основа на детална анализа, на темелни истражувања. Кои се тие што ги шират лажните вести? Која е целта на тие кои шират невистини? Од каде извираат сите овие информации? И финално, кому и за што му служат?

Ние имаме шанса со Отворен Балкан, со станувањето членка на НАТО, со отпочнатите преговори со ЕУ, да ја оставиме во заборав познатото „Гори Балкан“ и „Буре Барут“. И таа шанса не смееме да ја пропуштиме, иако навидум ни изгледа како за нас тука да не постои мирно море.

Потребно е воведување на медиумска писменост во училиштата од најрана возраст, бидејќи се чини дека граѓаните полесно и побрзо ја впиваат лагата од вистината, дури и кога ќе слушнат дека всушност тоа е лага.

Ние, како генерација, имаме должност да ја заштитиме демократијата и никако да не ја земаме здраво за готово.

Во оваа прилика сакам да потсетам дека градењето демократско општество, еднакво за сите, со главни стратешки цели НАТО и ЕУ, беше изгласано од сите политички партии во македонското Собрание пред 31 година. Од сите.

А, денес, што имаме? Што се случува, која е реалноста?

Две опозициски партии, една поголема, другата во раст – се сериозна закана за демократските процеси во земјата. Едните јавно, другите прикриено, се спротивставуваат и на НАТО и на ЕУ. Тие работат на поткопување на европската иднина на Република Северна Македонија. Немаат решенија, немаат концепт, немаат стратегија, план, не нудат никаква алтернатива, туку се служат само со манипулации, извртување на вистината, со невистини и со бесрамни лаги. И нам како партија, ова ни е сериозен предизвик, да ги демаскираме лагите со кои се служат, а ги протнуваат во јавноста и официјално, но и преку социјалните мрежи, користејќи ботови, кои прават сè граѓаните да ја загризат јадицата.

Оттука, да се трага по вистината е должност на секој општествен чинител. Да ѝ се создаде простор на вистината е должност. Да се демаскира лага, е обврска на секој еден од нас – и на политичките партии и на невладините организации, на медиумите, на секој кој ѝ мисли добро на оваа земја.

Дали е лесно? Не е. Дали е тешко? Пеколно е тешко!

Но, ако се земе предвид каква штета може да нанесат дезинформациите, лагите и манипулациите, ние уште повеќе треба да бидеме свесни дека ова е нешто што МОРА да го направиме.

Република Северна Македонија нема друга алтернатива. Ова е патот кој го избра пред 31 година – европскиот пат. ЕУ е единствен концепт кој на граѓаните им обезбедува држава која е економски просперитетна, држава со социјална правда и држава со владеење на правото. Тоа го заслужуваат граѓаните. И токму ние тоа го браниме, демократијата, демократските процеси, европската идеја. Борејќи се со лажните вести, со нападите хибридни и директни, токму ова го браниме.

И токму затоа сакам и на овој начин искрено да се заблагодарам на сите наши пријатели, нашите сојузници од Европа, за нивната безрезервна поддршка на демократските процеси и за тоа што вложуваат во нашиот успех како држава.

И се надевам дека заедно, здружени, ќе ја одбраниме демократијата и ќе успееме да ѝ помогнеме на вистината да излезе од вода и да шета по светот носејќи ја својата облека.

Богандка Кузеска е гласноговорничка на СДСМ.

Спонзорирано: