3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(ВИДЕО) Ковачевски до Ковачки: Вие не може да викате „стани Славјанка“, вие може да крадете микрофон како вашите колеги од партијата

Премиерот рече и дека кога кажал министерката за одбрана да стане за да ја види цела сала, тоа го направил за ѝ се оддаде почит на Петровска која, патем,како што посочи, добила аплауз каков што пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ никогаш во животот нема да добие. За Петровска, Ковачевски рече и дека е еден од најдобрите министри во неговата влада, како и еден од најдобрите министри за одбрана што го имала земјава

Коментирајќи ја својата реченица „стани Цаци, да те види цела сала“ упатена кон министерката за одбрана Славјанка Петровска, премиерот Димитар Ковачевски на седница за пратенички прашања на пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ му порача дека тој тоа не може да го каже, но може како неговите сопартијци да краде микрофони.

„Не можете вие да кажувате реченица од типот ’стани Славјанка‘ или кој било друг, затоа што таа реченица јас сум ја кажал. Она што вие можете да направите е во стилот на вашите колеги од вашата партија, а тоа е да седнете и да украдете микрофон како претседавачот на Советот на Град Скопје или како што го правеше друг пратеник тука во Собранието или вашиот бивш претседател. Вие можете да го правите зашто тоа личи на вас не на мене. Или да се најавите гостин кај самиот себе, пратеникот Ковачи да дојде на гости кај пратеникот Ковачки“, рече Ковачевски.

Ова беше дел од одговорот што премиерот го даде на прашањето дали ќе ја разреши Петровска.

„Дали откако со вашите неконтролирани испади ја пониживте министерката за одбрана како жена, а согласно изнесените аргументации на оваа говорница, планирате да доставите предлог за разрешување на министерката за одбрана?“, гласеше прашањето на Ковачки.

Во одговорот, премиерот рече и дека кога кажал таа да стане за да ја види цела сала, тоа го направил за ѝ се оддаде почит на Петровска која, патем, како што посочи, добила аплауз каков што пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ никогаш во животот нема да добие.

„Кога кажав министерката за одбрана да стане во салата каде имавме трибина, тоа беше за да можат сите присутни граѓани на трибината да и оддадат почит што тоа и се случи со громогласен аплауз што вие никогаш нема да може да го добиете во живот. Дополнително, за министерката за одбрана и своето високо ниво на професионалност и доверба во земјите членки на НАТО е што таа има највисоко ниво на безбедносен сертификат за НАТО. Такви има само два во Владата, едниот е мојот и едниот е на неа. И на крајот, дали ќе побарам нејзина одговорност, не затоа што таа е еден од најдобрите министри што го има владата и еден од најдобрите министри во историјата на нашата држава“, рече премиерот.
Тој претходно кажа дека за Петровска има исклучително високо мислење бидејќи таа е на чело на Министерство за одбрана во членка на НАТО кое е оценето со највисоки оцени од останатите членки што може да се виде и во извештаи на Алијансата во Брисел.

„Второ, таа управува со Министерството за одбрана кое од сите членки на Алијансата најбрзо ја има направено воената интеграција во системот на НАТО. Трето, има изградено највисоко ниво на доверба и односи со земјите членки за што сведочат и одлуките што ги носат од кои последната е финансиска помош од 80 милиони долари за Министерството за одбрана. Тоа е во исто време кога вашата партија блокираше кредит со најповолни услови од 100 милиони евра од ЕБОР“, рече Ковачевски.