Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се обрати на регионалната конференција насловена: „Трансформативно финансирање како забрзувач за родова еднаквост: црпење искуства од родово одговорно буџетирање и научени лекции“, организирана од регионалната канцеларија на UN Women, која се одржува денеска и утре во Истанбул, Република Турција.
Тренчевска се обрати на панел-дискусијата насловена: „Лидерството и перспективите на креаторите на политиката за Родово одговорно буџетирање“, заедно со министри од Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.
Тренчевска информираше дека родово одговорните буџетски иницијативи во Република Северна Македонија се спроведуваат од 2009 година од страна на Министерството за труд и социјална политика.
„До денес, родово-одговорното буџетирање е пилотирано во 14 ресорни министерства и 3 државни агенции со континуирано стручно менторство обезбедено од UN Women. Според методологијата, ресорните министерства и државните институции се обврзани да спроведат основна родова анализа на одредена секторска програма и да развијат родови аутпут индикатори, како и да продолжат да следат напредок во спроведувањето на избраните програми и нивното влијание. Наша цел е системско решавање на прашањата преку воспоставување систем кој ќе функционира“ – рече Тренчевска.
Таа истакна дека Министерството за труд и социјална политика во соработка со канцеларијата на UN Women во Скопје во март оваа година воспостави Ресурсен центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање, кој е дел од предвидениот план и програма за работа на Министерството за труд и социјална политика а во согласност со Програмата за работа на Владата.
„Ресурсниот центар обезбедува експертска поддршка, добри практики, истражување, ресурси, и обуки за градење на капацитетите на јавните службеници во Република Северна Македонија во областа на родово-одговорното буџетирање. Тој е прв ваков центар отворен во регионот, и има за цел да прерасне во регионален центар на знаење во иднина“, рече Тренчевска.