25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Серафимов: Додека СДСМ ја гради иднината, ВМРО-ДПМНЕ ја урива

Претседателот на ОО СДСМ Кочани Гоце Серафимов се обрати вечерва пред граѓаните на трибината „Силно и одлучно кон иднината“ во Кочани.

СДСМ е партија на граѓаните. Наша партија која овие триесетина години се разви во движечка сила за ова општество. Додека ние ja градевме иднината, некој ја уриваше. Така беше и во нашиот град, истакна Серафимов.

Тој нагласи дека една година по владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани, општината е пред нова катастрофа и во тотален колапс.

Веднаш по додаѓањето на власт ја олеснија општинската граѓанска каса со 8 милиони денари за услуги кои тие со наместени тендери претходно ги преплатиле. Нема ниту еден проект којшто се реализира, не функционираат јавните претпријатија, а не нешто повеќе, единствен проект им се 20 гумени пиони кои глумат кружен тек а дури и тие се дивоградба, рече Серафимов.

Претседателот на ОО СДСМ Кочани Гоце Серафимов додаде дека КЈП Водовод тоне во долгови, цената на геотермалната вода се зголемува како никогаш досега, превозот кој средношколците бесплатно го добиваа минатата година сега од непознати причини го нема, а во меѓувреме си трасираат пат за вработување на 115 челници на ВМРО-ДПНЕ.

Социјалдемократијата како политичка доктрина е потребна денес. Станува неопходно, слободата, еднаквоста и солидарноста да се основни вредности за ефикасно да се справиме со кризите пред кои сме исправени. Сега е време на активизам, активен пристап и политики. Ја манифестираме нашата силина и единство. Од вечерва тргнуваме во еден силен и цврст поход. Да ја вратиме СДСМ во Кочани таму каде што и е местото. Само со слога ќе обезбедиме подобра иднина во ова наше место, порача претседателот на ОО СДСМ Кочани Гоце Серафимов на трибината „Силно и одлучно кон иднината“.