25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Азески на средба со амбасадорот на Австралија Данијел Емери

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, денес оствари средба со амбасадорот на Австралија во Република Северна Македонија со седиште во Белград, Н.Е. Данијел Емери, со кого разговараа за економската соработка помеѓу двете земји.
На состанокот беше потврден заедничкиот интерес за натамошно унапредување на билатералната соработка со Австралија при што претседателот Азески најави и инцијатива за засилување на економската соработка, преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ), кој веќе има обезбедено заеднички настапи на компаниите од регионот на саемите во Мостар, Тирана и Дубаи со 100% платени трошоци.

На средбата, претседателот Азески го информираше амбасадорот Емери за проектите коишто во моментот се реализираат во Комората, при што нагласи дека во фокусот на активностите е оспособување на кадар за стопанството на сите нивоа, преку дуалното образование и прекфалификација на постоечките кадри во државата. Истовремено Азески ги потенцираше и заложбите на Комората во надминување на предизвиците со кои се соочуваат компаниите во услови на енергетска криза.

Од страна на амбасадорот Емери беше констатирано дека во нашата земја веќе има австралиски инвеститори, но и дека има услови за натамошно унапредување на економската соработа.

Претседателот Азески и амбасадорот Емери разговараа и за регионалните активности на Комората преку Опен Балкан и Коморскиот инвестициски фонд, кој е основан од страна на шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан со цел да се интензивира соработката помеѓу коморите во насока на спроведување на заеднички активности кои се од интерес за бизнис-заедницата од регионот.
Соговорници разменија мислења и за актуелните меѓународни прашања и регионални теми.