Вселенско летало на американската вселенска агенција НАСА изврши успешно прелетување над Месечината.
Станува збор за мисијата „Артемис 1“ чија цел била леталото-капсулата „Орион“ да прелета над површината на Месечината на височина од 130 километри. По завршувањето на мисијата, „Орион“ се враќа на Земјата.
Контактот со леталото бил изгубен 34 минути за време на овој маневар, кој бил изведен на далечната страна на Месечината. Потоа сигналот бил вратен, а леталото испратило фотографија од Земјата. НАСА соопшти дека мисијата „Артемис 1“ ги надмина очекувањата по лансирањето минатата недела.
„Ова е еден од оние денови за кои долго размислувате и сонувавте. Видовме како Земјата ‘исчезнува’ зад Месечината додека испративме вселенско летало зад неа во подготовка за враќање на луѓето на површината на Месечината, што ќе следи за неколку години. Ова менува сè“, изјави директорот на летот на НАСА, Зебулон Сковил.
Оваа мисија немаше астронаути, туку во леталото беа поставени три кукли опремени со илјадници сензори. Задачата на овие сензори е да собираат податоци, со чија анализа ќе се утврди дали околината ќе биде поволна за луѓето. Станува збор за различни сензори како оние за зрачење и движење, а има и акцелерометри.
Сето ова е исклучително важно, бидејќи доколку мисијата се одвива според планот, астронаутите ќе одат на патување околу Месечината како дел од мисијата „Артемис 2“.