23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Предизвикот со родово-базираното насилство врз жените не е само личен, тој е длабоко социјален, културолошки и општествен и бара комплексни решенија

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати на завршната конференција: „Грижи се машки – Од свесност до вклученост“ , во организација на Хера – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување,  која е долгогодишен партнер на Министерството за труд и социјална политика во воспоставувањето на родовата еднаквост.

Министерката Тренчевска посочи дека Министерството во соработка со Хера , која претставува организација пред времето продолжуваат заедно да ги мапираат предизвиците и работат на одговор на истите со брзи и системски решенија.

„Предизвикот со родово-базираното насилство врз жените не е само личен, ниту пак релациски предизвик. Тој е длабоко социјален, културолошки и општествен и затоа бара комплексни решенија на кој ние како Влада сме спремни да одговориме. Предизвикот е одамна мапиран и првиот чекор е веќе направен во 2017 година кога беше ратификувана Истанбулската конвенција и со таа постапка веќе бевме сигурни дека промените ќе започнат да се случуваат,“ рече Тренчевска.

Министерката посочи дека за да се спречи секаков вид на насилство потребна е рехабилитација, едукацијата меѓутоа и поддршка како на жртвата така и на сторителите на насилство. Таа изрази верување дека бихејвиоралните постапки можат да се променат и дека еден насилник не треба да биде насилник повторно, затоа што секој поединец може да биде секој нареден ден подобра верзија од себеси.  

„Како Влада воспоставивме 10  специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство. Како и  8 специјализирани советувалишта  за психо-социјален третман за сторители  на семејно насилство. Овие специјализирани советувалишта се чекор кон поинакво утре. Ова е начинот на кој ќе ја заштитиме жртвата од повторни напади, но ќе промениме и нечија животна насока,“ рече Тренчевска.

Министерката посочи дека, очигледна е потребата што повеќе да се работи на делот за превенција на насилството, како и поголемо вклучување на мажите и момчињата во борбата против родово базираното насилство.

„Наша заложба како Министерство е  унапредување на човековите права, еднаквост и борба  против секаков вид на насилство. Важна е соработката и градењето на партнерство со невладиниот сектор,  здруженијата на граѓани преку која заедно  се развива и подобрува националниот одговор во борбата против родово базираното насилство.  

 На денешната конференција и претходат активности насочени кон вклучување на мажите во превенција на родово насилство и работа со сторители со фокус на безбедноста на жртвата.

На настанот покрај министерката Тренчевска и директорот на Хера, Бојан Јовановски, се обратија и Харалд Фугер, аташе за Северна Македонија, австриско Министерство за социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите, Тања Иванова, претседателка на Реактор и  Ели Скамбор, директорка на Здружение за машки и родови прашања Стирија.