Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија

Претседателот Пендаровски прими претставници на „Остен“

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими претставниците на „Остен“, Мице Јанкуловски и Корнелија Конеска.

На средбата, претседателот беше запознаен со досегашните активности на „Остен“, меѓународната соработка што ја остваруваат, спроведените изложби и проекти, како и за подготовките кои ги преземаат за успешна реализација на активностите во наредниот период.

Во таа насока, претставниците на „Остен“ информираа за официјалната изложба – Биенале на цртеж, што ќе се одржи на 22 февруари 2023 година во Чифте амам во Скопје, како и за претстојната Светска галерија на карикатури (1969-2023).

Неколку децениското традиционално организирање на Светската галерија на карикатури, како и Светската галерија на цртеж, посочи претседателот Пендаровски, е доказ за оригиналноста и квалитетот на брендот „Остен“ кои ја поттикнуваат слободата кај уметникот и неконвенционалното изразување.

На средбата, претседателот изрази поддршка на развојните проекти и иницијативи на „Остен“ во областа на културата и уметноста, како и на соработката со уметниците и карикатуристите од целиот свет, преку коишто придонесуваат за меѓународна афирмација на нашата земја. Воедно, претседателот го поздрави формирањето на Музејот на цртеж – збирка од над 15.000 дела.