Министерот Оливер Спасовски во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 на прашање за довербата на граѓаните во полицијата рече дека таа е драстично зголемена од порано. Од 23 отсто во 2015 година, кога беше на многу ниско ниво поради случувањата со претходната власт како прислушувањето и сл. , сега таа е зголемена на високи 65 отсто.
„Според релевантни истражувања, полицијата веќе неколку години ужива исклучително висока доверба помеѓу граѓаните од над 65%“, рече министерот Спасовски.
Неодамна беше презентиран и Глобалниот индекс за мир на кој Република Северна Македонија глобално е на високото 36 место, а како најбезбедна држава во Западен Балкан.
Спасовски потсети и дека МВР од целосно затворена институција во 2017 година, денес, според сите релевантни истражувања, е една од трите најтранспарентни институции во државата.
„Континуирано овие години наназад имаме намалување на криминалитетот, оваа година тоа е 9% во споредба со истиот период минатата година. Бележиме значително зголемување на откривачката дејност на полицијата и тоа се параметри кои ќе продолжиме да ги унапредуваме“, истакна министерот Спасовски.
На прашање до каде е враќањето на позорникарската служба или маалските полицајци кои имаат посебно близок однос со локалните заедници, Спасовски образложи дека тоа веќе се имплементира во многу градови.
„Наш стратешки план беше да се врати позорникарската полициска служба, бидејќи таа е клучната врска помеѓу граѓаните и полицијата. Во Скопје во 2015 година пополнетоста со униформирана полиција беше само 36% во полициските станици и слично ниво на пополнетост имавме и во Охрид. Тоа беа два најеклатантни примери. Сега веќе дојдовме до ситуација од речиси 60% пополнетост во Скопје и веќе се забележуваат повеќе полициски службеници на улиците на главниот град помеѓу граѓаните. Во другите градови каде пополнетоста е на задоволително ниво, позорникарната служба веќе функционира и затоа и се зголемува процентот на ефикасноста и откривачката дејност на полицијата“, подвлече министерот Спасовски.