„Обновливите извори на енергија се нашата иднина.Ние како земја имаме ресурси, имаме сонце, вода, плодна почва. Со правилна поддршка и правилно менаџирање, јас сум уверен дека можеме да ја трансформираме нашата прекрасна татковина во хаб на зелената енергија и да обезбедиме и енергетска независност. Лидери сме во регионот во енергетска трансформација со огромен потенцијал да станеме зелен енергетски центар на Европа“ изјави премиерот Димитар Ковачевски од Охрид при посетата на фабриката „Органска буковка“.
Тој додаде дека Владата е силно посветена на долгорочниотп равец на државата за енергетска трансформација, а резултатите од тоа се видливи. Само во последната година, во мандатот на оваа Влада се инсталирани 27 мегавати фотонапонски централи во државата.
„Во моментов во фаза на финализирање се неколку Договори за стратешки инвестиции за инсталиран капацитет од еден гигават, во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи, како и комбинирана гасна електрана и тоа со реномирани големи европски компании, од Франција, Германија и Грција“ рече Ковачевски.
Од домашните капацитети, премиерот ја истакна електраната Осломеј, која започнува енергетска транзиција од јаглен на сончева енергија.
„Ова е прва во енергетската транзиција од електрана на јаглен во чиста енергија во регионот. Дополнително работиме и на нови, веќе е објавен и јавен повик за изградба на уште 10 мегавати на истото место, во сопственост на ЕСМ. Веќе се градат и фотонапонски централи по пат на Јавно приватно партнерство со турски и бугарски инвеститори со ЕСМ во Осломеј, со инсталиран капацитет од 100 мегавати“ рече Ковачевски.
Тој кажа дека за прв пат има понуда од изведувач за историскиот проект „Чебрен“ и доколку се биде според она што е пропишано во документацијата и барањата, ќе имаме инвеститор кој наскоро ќе ја започне изградбата на овој огромен проект.