Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија

Грковска на Глобалниот Форум на ОЕЦД: Имплементацијата на принципите на добро владеење ги јакне институциите, но и довербата на граѓаните во системот

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска учествуваше на Глобалниот Форум 2022 на Организацијата за економска соработка и развој, „Градење на доверба и зајакнување на демократијата“, што се одржува во Луксембург.

Вицепремиерката Грковска се обрати на панелот посветен на „Одговорна јавна администрација за силни демократии во Источна и Југоисточна Европа и во регионот на МЕНА, со фокус на Украина“, на кој, меѓу другите, учествуваа и вицепремиерката за европски интеграции на Црна Гора, Јована Маровиќ, министерката за јавна администрација на Словенија, Сања Ајановиќ Ховник, како и украинскиот министер Олех Немцинов.

Вицепремиерката Грковска оцени дека за зголемување на довербата на граѓаните во институциите, но и за реформа на јавната администрација неопходна е целосна и доследна имплементација на принципите за добро владеење, а тоа се одговорност, отчетност, транспарентност, професионалност и ефикасност на јавната администрација, но и кај носителите на извршни функции. Истовремено неопходна е промена на свеста дека јавната администрација постои за да им служи на граѓаните.

„Имплементацијата на овие принципи во основа значи целосна реформа на јавната администрација, процес кој не може да се постигне преку ноќ и за кој е потребен стратешки и долгорочен пристап. И затоа е важно во општеството да се постигне консензус за потребата од оваа реформа, но и за континуитет при нејзината реализација, бидејќи довербата во институциите не може да се изгради преку ноќ“, нагласи вицепремиерката Грковска.

Таа нагласи дека Владата на Република Северна Македонија силно се залага за професионална, одговорна и отчетна администрација, за што е формиран и Кабинетот за политики за добро владеење, кој е фокусиран на креирање на професионални, одговорни и ефикасни институции, на креирање на антикорупциски политики и кој е посветен на процесот на дигитална трансформација на општеството.

„Со почетокот на преговорите за членство во Европската Унија и исполнување на критериумите за полноправно членство верувам дека ќе ги унапредиме капацитетите на институциите. Во тој контекст, сакам да се заблагодарам на нашите меѓународни партнери, вклучително и на СИГМА со кои, како држава имам добра соработка, особено во делот на унапредување на ефикасноста на јавната администрација“, изјави Грковска.

Во попладневниот дел од конференцијата, вицепремиерката Грковска ќе има средба со генералниот секретар на ОЕЦД, Матиас Корман.