8.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Од идеја за креативно компјутерско образование до достапна дигитална едукација за секое дете

Со визија за достапно и постојано дигитално образование кое води кон инклузивно општество, Едуфронт слави 4ти роденден и работи напорно за поголема достапност на креативното компјутерско образование кај децата и младите. Последниве четири години, Едуфронт мина низ различни фази на развој. Од обуки за Scratch со физичко присуство, па сѐ до целосна дигитализација и нови дигитални патеки за програмирање, веб дизајн и графички дизајн

Едуфронт започна со две програми за креативно компјутерско образование за деца, преку проектот ПрограмИграм и потоа ги прошири програмите со проектот Digipath – Дигитални патеки за програмирање за деца.

При реализирање на првиот проект „Компјутерско образование за деца базирано на иновативната наставна програма на Харвард“ се реализираше обука на над 20-тина деца за ПрограмИграм во Scratch во две различни возрасни групи со физичко присуство. Со појавувањето на КОВИД-19 обуките започнаа да се реализираат онлајн.

За време на втората учебна година понудата се прошири со две нови онлајн обуки за програмирање за деца „ПрограмИграм во Python“ и „ПрограмИграм во HTML/CSS/JS“. Овие програми се јавија природно како продолжување на претходните групи и барањето на родителите. Со помош на стручниот тим во целост се развија новите програми базирајќи се на принципите на креативно учење. Ова донесе нови резултати на нови 70 слушатели на онлајн обуките.

Желбата за постојан развој и овозможување на континуирано учење и навлегување во повеќе дигитални вештини и технологии доведе до идејата за креирање на програмите DIGIPATH – Дигитални патеки за учење за деца. Со овие програми се надополнуваат постоечките обуки со нови обуки за да се создадат различни дигитални патеки за учење за деца. Обуките од Digipath се наменети за деца од 8 до 14 годишна возраст. Секоја од патеките започнува со обуките Scratch и Scratch Adv коишто се првично наменети за деца од 8 до 10 годишна возраст. Во зависност од афинитетот секој ученик може да одбере да продолжи со специфичните обуки од соодветна дигитална патека.

Тимот на Едуфронт се состои од 10 високо образовани експерти, стручни обучувачи, со долгогодишно искуство во едукација и ИТ области кои постојано работат на подобрено и современо образование за ИТ вештини за идните генерации. Во насока на својата мисија да им овозможи на децата од рана училишна возраст да имаат пристап до обуки за стекнување на основи на разни дигитални вештини, Едуфронт со својот тим создаде 13 обуки за програмирање, веб дизајн и графички дизајн за деца од 8 до 14 години. Овие обуки успешно ги слушаа и завршија над 300 деца од цела Македонија.

Следејќи ја заложбата за инклузивно образование и поголем пристап до компјутерско образование Едуфронт одржа повеќе од 40 бесплатни воведни часови, обуки и вебинари за деца, родители и наставници со повеќе од 2400 минути предавања. Во 2022 година го организира првиот бесплатен натпревар за програмирање во Scratch со 50 ученици и нивните одделенски наставници од цела Македонија. Во тек на 4 годишното постоење Едуфронт подари повеќе од 10 стипендии и полустипендии на талентирани деца и деца кои покажаа особена желба и интерес за учење.

Во иднина, Едуфронт со желба за постојан развој и унапредување на едукацијата во Македонија ќе продолжи да работи на подостапно креативно компјутерско образование, да ги следи трендовите и да користи нови технологии за развој на дигиталните вештини кај секое дете.