Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+Македонија

Тренчевска: Кризата околу 2015 година донесе нови искуства и предизвици, како и неопходност од нови законски и оперативни решенија за заштита на мигрантите како ранливите категории

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска со воведно обраќање го отвори вториот дел од Министерската конференција „Одржливо управување со миграцијата во Западен Балкан“, која втор ден се одржува во Скопје, и на која учествуваат амбасадори, министри, експерти и други гости, од земјите на Западен Балкан, Европа, Азија и САД.

Министерката Тренчевска се осврна на периодот околу 2015 година, кога Република Северна Македонија беше соочена, пред се со хуманитарна криза, а секако и со сигурносна со оглед на прекуграничните движења, предизвикани од ненадејни масовен приливи на мигранти на нашата јужна граница.

„Преку 1 милион луѓе беа во транзит во период од 2015 до 2016 година, а имавме периоди кога и над 10.000 мигранти дневно поминува низ нашата територија барајќи начин да стигнат до земјите членки на Европската унија. И ние, како и земјите во регионот, и во ЕУ, веднаш се обидовме да ги заштитиме ранливите лица што е и главниот мандат на Министерството за труд и социјална политика. Поддржани од нашите партнери УНХЦР, ИОМ и УНИЦЕФ, започнавме со организирање на тимови од социјални работници, психолози, едукатори и преведувачи кои обезбедуваа организирано сместување, психосоцијална поддршка, хуманитарна помош во храна и облега, неформално образование и детски катчиња во соработка со домашните и меѓународни невладини организации,“истакна Тренчевска.

Таа посочи дека кризата во 2015 година донесе сосема нови искуства, нови предизвици кои бараа нови законски и оперативни решенија за управување со таканаречените МЕШАНИ миграциони текови.

„Од овој аспект би сакала да истакнам дека наша примарна цел беше и остана заштитата на непридружувани и разделени деца каде преку доделување на старател и зацврстување на механизмите на алтернативни форми на згрижување како што се згрижувачките семејства и малите групни домови се обидовме да обезбедиме опкружување во кое во најкраток можен рок требаше да се идентификува најдобриот интерес на детето. Истиот приоритет беше даден и на другите ранливите категории на лица како што се сами жени, трудници, стари и изнемоштени лица. Освен моментален одговор во форма на социјална заштита и хуманитарна помош, Министерството ги преточи научените лекции во низа документи и политики со што почнавме формирање на база на знаење како дел од идната рамка за управување со миграции како што се оперативни процедури и правилници и прирачници кои и денеска се користат од страна на стручните служби и теренските работници,“ истакна Тренчевска.

Министерката посочи дека, процесот на управување на кризната состојба, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, одреден број од мигрантите побараа азил односно меѓународна заштита во Република Северна Македонија. Како и дека Министерството за труд и социјална политика како главен носител на социо-економските права ја има најголемата одговорност за обезбедување на пристап на лицата бегалци и лицата под супсидијарна заштита до социјалните услуги, домување, вработување и здравствено осигурување.

Овие права се загарантирани со измените во Законот за социјална заштита и Законот за здравствено осигурување кои ги изедначуваат лицата под меѓународна заштита со македонските граѓани во поглед на пристапот до правата. Додека трае самата постапка, лицата баратели на азил се сместени во единствениот центар за прифат на барателите на азил кој е институција во склоп на системот на Министерството за труд и социјална политика.

Министерката истакна дека навременото откривање на можноста некое лице, особено дете да биде вовлечено во трговија со луѓе е основа за правовремена интервенција со цел да се спречи експлоатацијата и да се обезбеди навремена поддршка.

Таа информираше дека, во 2021 година донесени се Националната Стратегија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2021-2025 со Национален акциски план за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2021-2025 (НАП) и Акцискиот план за борба против трговија со деца, како интегрален дел на Националната стратегија. Во 2021 донесен е Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство во кој како облик на родово базирано насилство е дефинирана трговијата со жени и девојчиња, и во услугите се предвидува сметување на жртвите на трговија со луѓе во Центар за жртви на трговија со луѓе. 

„Во насока на подобрување на процесот на идентификација и заштита, во текот на изминатиот период со поддршка на ИОМ воспоставивме 5 мобилни тима во Скопје, Битола, Куманово, Гевгелија и Тетово за идентификација на ранливи категории граѓани вклучително и жртви на трговија со луѓе. Во составот на мобилните тимови има претставници на Центрите за социјална работа, претставници на Министерството за внатрешни работи националната единица за борба против трговија со луѓе и здруженија на граѓани,“ посочи Тренчевска.

Таа истакна дека, согласно препораките на меѓународната за едница,е  формиран и Оперативен тим во кој покрај обвинителството, МВР и МТСП вклучено е  и здружение на граѓани како дел од тимот за официјална идентификација на жртви и потенцијални жртви на трговија со луѓе.

Министерката се осврна на циркуларната миграција, како и дека од трите билатерални договори за сезонска работна сила кој РСМ ги има потпишано со Германија, Словенија и Катар, само оној со Германија се спроведува, каде на годишно ниво се испраќаат одреден број на сезонски работници.

Во делот на справување со дефицитот на работна сила во одредени сектори на домашниот пазар на труд, во минатото МТСП направи одредени измени на постојниот Закон за вработување и работа на странци со кои се олесни пристапот на странците за краткотрајни услуги кои може да се реализираат на територија на државата во период не подолг од 60 дена.

Во 2015 беше донесена првата Резолуција на миграциска политика на Република Македонија 2015-2020 година, а минатата година беше донесена новата Резолуција на миграциска политика на Република Северна Македонија 2021-2025 година.

Анализата на постигнатите и имлементирани мерки од претходната Резолуција упатува на превземање на итни мерки во насока на стимилирање на младите кадри со цел ублажување на притисокот на одлив на високоедуциран кадар. Мерките за локално умрежување на агенциите за вработување каде ќе се нуди и побарува работната сила се еден од напорите за промовирање на циркуларната односно дневна миграција.

Таа изрази уверување дека денешната конференција ќе биде поттик за  понатамошно промовирање на вредностите на легалната миграција во нашите држави и заштита на правата на идните “лица во движење“, (без разлика дали станува збор за доброволна или присилна миграција), и нивно одвраќање од замките на трговците со луѓе.