По два неуспешни обиди, НАСА успеа да го лансира својот мегаракет „Артемис 1“ од Кејп Канаверал на Флорида до Месечината, седум дена откако машината ги издржа налетите на моќниот ураган.
Инаку, мисијата Артемида 1 – шестнеделен пробен лет без астронаути, е првиот чекор во плановите на американската вселенска агенција, која планира да воспостави долгорочна лунарна колонија на Месечината, која ја замислиле како отскочна штица за уште поамбициозни идни патувања со екипаж на Марс.
Тоа е првиот пробен лет на огромната двостепена ракета SLS – Space Launch System и нејзината беспилотна капсула Орион. Иако на бродот нема луѓе, Орион ќе симулира екипаж од тројца. Имено, три кукли, две женски и еден машки, ќе бидат опремени со сензори за мерење на нивото на радијација и други стресови кои би можеле да ги искусат астронаутите.
SLS се смета за најмоќната и најсложена ракета во светот и е најголемиот вертикален систем за лансирање изграден од НАСА откако Сатурн V полета на Месечината за време на програмата Аполо во 60-тите и 70-тите години.