25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шаќири на конференција по повод 30 години од основањето на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ

Актуелната Влада има континуитет на заложбите за поквалитетно високо образование и така ќе продолжиме и во иднина. Затоа што без добар систем кој создава академски граѓани, научници и истражувачи, државата не може да оди напред. Ќе помогнеме на сите високообразовни и научни установи преку генерални политики, а институциите на системот се отворени за секоја добра иницијатива која може да насочи кон правилно креирање на тие политики.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири обраќајќи се на конференција организира од Факултетот за ветеринарна медицина при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а по повод 30 години од основањето на оваа високообразовна установа.

Честитајќи ги сите досегашни успеси и посакувајќи уште многу нови во иднина, министерот рече дека факултетот има голем удел во развојот на високото образование и науката, во создавањето на многу академски генерации ветеринарно едуцирани и во севкупното градење на општеството.

„Слушнав дел од предизвиците со кои се соочува Факултетот за ветеринарна медицина и уверувам дека заеднички ќе наоѓаме начини за нивно надминување и полесно делување и остварување на мисијата, визијата и целите на оваа високообразовна установа во иднина“, рече Шаќири, притоа осврнувајќи се на низа активности кои Владата ги спроведе во изминатите неколку години, а во интерес на што поквалитетно високо образование.

„Ќе потсетам дека иако имаме релативно нов Закон за високото образование од 2018 година, пред неколку месеци јас лично покренав иницијатива за негово надградување со цел обезбедување на повеќе и подобри можности за професорите, за студентите и така натаму. Пристигнати се предлози преку Интеруниверзитетската конференција и тие ги разгледува експертска група. Сето тоа што се издржано ќе биде предложено до Владата за да се усвои и проследи до Собранието“, додаде министерот.

Тој го спомена и потпишаниот колективен договор со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, кон кој се приклучи и Независниот академски синдикат (НАкС).

„Колективниот договор уредува многу права кои досега не беа уредени во високото образование и тоа е потврда на добриот социјален дијалог кој ќе продолжи и во иднина. Со истиот обезбедуваме континуиран раст на платите на вработените во високообразовните установи. Можеби зголемувањето не е согласно очекувањата и барањата на професорите, знаеме дека се бара 100% зголемување за период од 4 години, тоа е последниот предлог на академската фела од УКИМ, но мора и да се има предвид дека се наоѓаме во голема, глобална економска криза и дека ова барање е остварливо, но во некои подобри времиња кога и буџетот ќе биде во подобра кондиција“, рече Шаќири.

Се осверна и на неодамна формираните нови институции, органи и тела – Агенцијата за квалитет на високото образование во која има Одбор за акредитација и Одбор за евалуација на високото образование и на Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност, кои како што рече, имаат свои законски задолженија и обврски да анализираат состојби и да предлагаат идеи како да се унапредат високото образование и науката во државата.

„Кога веќе ја споменувам науката, ќе посочам и дека оваа година за прв пат предвидовме пари за научно – истражувачки проекти на јавните научни установи кои се од интерес за државата и граѓаните, како и пари за развој на лабораториските ресурси на факултетите во вкупна вредност од околу 4 милиони евра. Ќе се потрудиме во иднина овој буџет уште повеќе да се зголеми“, потенцираше министерот.