25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Подгответе се за безбедно возење во зимски услови

Овој период од годината се карактеризира со влажни коловози и намалени температури на воздухот, што неповолно влијае на безбедното одвивање на сообраќајот. Ова може да резултира со намалена видливост, продолжување на сопирачкиот пат на возилото, деконцентрација на возачите и слично.

Истражувањата покажуваат дека ефектите од лошите временски услови врз видливоста може да го зголемат времето на реакција на возачите за 13 до 75%, зголемувајќи ја веројатноста за сообраќајна несреќа. Утврдено е дека густата магла предизвикува најголеми проблеми при што на возачите им треба 75% повеќе време за да забележат опасност, како и дека обилниот дожд ги забавува реакциите на возачите за 30%, а снегот за 34%.

Токму затоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до учесниците во сообраќајот да бидат внимателни, да се придржуваат до советите за управување со возилото во зимски услови, да ги следат информациите за временските услови на патиштата, како и патната сигнализација заради осигурување на поголема безбедност во сообраќајот.
Потсетуваме дека законска обврска е во возилата задолжително да се носи зимска опрема во периодот од 15 ноември до 15 март следната година. Покрај задолжителната зимска опрема, потребно е да се направи и зимска проверка на возилото односно:

• проверка на антифризот,
• проверка на маслото во моторот,
• проверка на течноста за бришачите на ветробранското стакло,
• проверка на акумулаторот и притисокот на пневматиците,
• обезбедување на течност или спреј за одмрзнување на стакло, брави итн.

РСБСП советува брзината да се прилагоди според условите на патот, да се почитува растојанието меѓу возилата, да се избегнува нагло сопирање на возилото, а да се избегнува и нагло намалување или зголемување на брзината на возилото.

Почитувањето на овие совети, како и на законската обврска за носење на зимска опрема и проверка на возилото, придонесуваат за побезбедно учество во сообраќајот при неповолните временски услови во овој период и за намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
Затоа РСБСП апелира: Внимавајте на влажните коловози! Бидете одговорни и подгответе се за безбедно возење во зимски услови. Користете зимска опрема!