21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Алиу: Врската помеѓу компаниите и училиштата игра голема улога во развојот на индустријата

Инвестирањето во образованието е приоритет на секоја држава. Државите кои не преземаат смели и радикални чекори во областа на едукација и остручување на младите се осудени на стагнација и пропаст. Уверен сум дека чекорите кои ние како држава ги преземаме можат да придонесат за развој не само на општеството туку и на поединецот. Ова го истакна заменик министерот за образование и наука Лулзум Алиу на средбата организирана од делегацијата на германското стопанство во земјава, чија цел е поврзување на компании добавувачи од Северна Македонија со компании купувачи од Германија, Грција, Турција и Австрија.

– Нема да застанеме тука, туку ќе продолжиме да го реформираме образованието со единствена цел, нашите ученици да се стекнат со вештини и знаења потребни на пазарот на трудот за да бидат конкурентни не само во земјата во која се образувале, туку и на светско ниво. Верувам дека со заеднички сили, сите ние кои сме вклучени во овие реформи ќе успееме да ја подобриме и зајакнеме соработката помеѓу образованието и јавниот сектор, за доброто на сите нас, изјави Алиу, заблагодарувајќи се на делегацијата на германското стопанство со чија помош пред пет години беше започнат процесот на воведување на програмата за дуални паралелки во стручното образование.

Морам да истакнам, потенцираше заменик министерот, дека фокусот на реформите во средното образование, во последниве неколку години е ставен врз стручното образование, односно креирање наставни планови и програми согласно потребите на компаниите и пазарот на трудот.

Проширувањето на концептот на дуално образование и зголемување на бројот на новоотворени паралелки се покажува како ефикасен и ефективен, затоа што учењето директно на работно место во компанија, овозможува стекнување на практично применливи знаења и вештини и создавање на добро подготвена работна сила за настап на пазарот на труд веднаш по завршување на средното образование, но и добро подготвени млади за продолжување во високо образование.

– Бројот на запишани ученици и компании кои учествуваат во дуалното образование, покажуваат дека се зголемува интересот кај двете страни. Освен привлечните струки и програми кои се нудат во стручните училишта, не смее да ја изоставиме и помошта од државата во вид на стипендии кои ги доделува МОН на учениците запишани на техничките и стручни струки во средните училишта, изјави Алиу.

На средбата беа доделени и сертификати за квалитет на првата генерација од профилот техничар за индустриска мехатроника, образование по германски стандарди

Спонзорирано: