8.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Вози безбедно! Користи зимска опрема! Превентивна активност на МВР и РСБСП

Денеска (15.11.2022) Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата во Скопје реализираа активности од зимската кампања „Користи зимска опрема“ со цел потсетување на возачите на законската обврска за задолжително носење на зимска опрема во периодот од 15 ноември до 15 март следната година, како и потребата од зимска проверка на возилата.

Претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска апелираше брзината да се прилагоди според условите на патот, да се почитува растојанието меѓу возилата, да се избегнува нагло сопирање на возилото и задолжително да се носи зимска опрема.

„Бидете одговорни и подготвени за безбедно возење во зимски услови.Овој временски период се карактеризира со влажни и лизгави коловози и присуство на магла. Според истражувањата утврдено е дека густата магла предизвикува намалена видливост кај возачите заради што на возачите им треба 75% повеќе време за да забележат опасност. Во услови на дожд забавувањето на реакциите на возачите е за 30%, а во услови на врнежи од снег забавувањето на реакциите е за 34%.Токму затоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до учесниците во сообраќајот да бидат внимателни, да се придржуваат до советите за управување со возилото во зимски услови, да ги следат информациите за временските услови на патиштата, како и патната сигнализација заради осигурување на поголема безбедност во сообраќајот“, рече Кожуваровска.

Помошникот на министерот за односи со јавност на МВР Тони Ангеловски потсети дека од денеска (15 ноември) стапува на сила законската обврска во возилата задолжително да се носи зимска опрема, обврска која важи до 15 март следната година.

„Апелираме до граѓаните да се придржуваат кон законската обврска за поседување на зимска опрема, бидејќи така овозможуваме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови. Поседувањето на зимска опрема е пред се поради наша лична безбедност, а со тоа избегнуваме и било каква непријатност во случај на лоши временски услови“, рече Ангеловски.